Skip to main content

Прогласување на победникот на наградата „Оливера Николова“ за 2026 година

Вториот добитник на книжевната награда за најдобар необјавен роман за деца и млади, „Оливера Николова“, ќе биде прогласен на прес-конференција на 11 март (среда), во 11 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.

На настанот ќе се обратат членовите на жири-комисијата во состав: Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Ермис Лафазановски (прв добитник на наградата во 2025 година) и Јованка Денкова (професорка по книжевност за деца).

На вториот конкурс за наградата „Оливера Николова“, кој беше отворен од 11 септември 2025 до 11 јануари 2026 година, пристигнаа 46 ракописи.

Наградата е откупна и се состои од паричен износ од 60.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција на издавачката куќа „Арс Ламина“. Таа ќе биде врачена на посебен свечен настан.

Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка од семејството на Николова, на 11 март минатата година. Николова почина на 3 ноември 2024 година. Мисијата на наградата е двојна: да се одржи континуитетот на големото авторско име на Оливера Николова преку симболично творечко надоврзување на нејзината бележита трага во современата македонска книжевност и да се ревитализира еден од жанровите во кои таа создаваше – романот за деца и млади.

На првиот конкурс победи романот „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски, избран од вкупно 38 пристигнати ракописи. Во најтесниот избор за наградата беше и ракописот „Сам во рој“ од Иван Дричко (псевдоним на Сашо Кокаланов).

Поврзани вести