Skip to main content

„Процеп во процес“ 5 во Прилеп посветен на „Илина и шумските тролови“

Во сабота, 15. март 2025 г., на пладне, во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“, уникатна можност за пријатна дружба за книга со кафе, заедно со родителите и најмладата и најскапоцена читателска публика.

Авторката Хана Корнети ќе ни биде гостинка за да ни (рас)каже малку повеќе за некои детали од авантурите на Илина и Папрат, придружена од промоторката Наташа Атанасова.

„Процеп во процес“ 5 е посветен на „Илина и шумските тролови“ од современата писателка Хана Корнети, фантастичен роман за младата читателска публика. Но, тоа е книга која еднакво ги опфаќа и вклучува и возрасните кои не си ги ограничуваат фантазиите, соништата и авантуристичкиот дух.

Фокусот на петтата по ред средба од промотивно-едукативниот циклус спонтано наречен „Илина и шумските тролови“ не е книга која им се чита на децата во рана возраст кога сакаме да ги заспиеме со некоја бајковита приказна. Ниту пак е приказна која би ги смирила децата кога се палави. Напротив, „Илина и шумските тролови“ е книга за „малку поголеми деца“ (некои формално ја категоризираат како за возраст 9+ години, но ние тука не би се држеле ригорозно до таква категоризација) која ги возбудува ионака темпераментните духови на малку поголемите деца, им го разгорува жарот за авантури.

Динамичната, питорескна и разиграна приказна за еден фантастичен свет на тролови, мириси и бои во теглички, гатачки кои никако да ја погодат иднината и многу други возбудливи ликови, појави и ситуации, ја прави оваа книга една од оние книги со кои децата веќе навлегуваат во светот на посериозните четива – четива кои им отвораат видици и ги тераат да поставуваат прашања, да си ја развиваат љубопитноста и да ја надоградуваат својата креативна фантазија.

Замислете девојче кое има 11 години, а разбира можеби и повеќе од повеќето големи. И тоа девојче, замислете, раскажува толку заразно што без да трепнете чекате да видите каде ќе отиде и што ќе направи. Дали ќе замине на село со мајка ѝ иако е недела и е ден за корнфлекс и излежување, дали ќе го најдат селото Бабин Заб, дали вистина ама баш вистина запознава шумски трол кој се вика Папрат и кој му доаѓа како нејзина тролско-откачена верзија? И дали приказната на Папрат е за верување и авантурата на Илина за впуштање во неа и со неа…“ – Наташа Атанасова.

„Илина и шумските тролови“ има неконвенционална и забавна нарација која ги руши некои од вкоренетите стереотипни модели за литературата за деца, модерен и често жаргонски израз, кои ја прават многу поблиска и поприемчива за детската читателска публика.