Skip to main content

Претставници на Вевчански карневал на карневалот Corso de las Luces во Антверпен-Бергхем, Белгија: Продолжуваме да градиме мостови преку традицијата, да ја чуваме нашата автентичност и да ја споделуваме со светот

Со особена чест и огромно задоволство ја споделуваме приказната за една исклучителна размена на карневалски искуства, реализирана во рамки на Erasmus програмата, каде што Општина Вевчани беше проектен соработник, велат од Вевчански карневал.

Нашите партнери од La Murga Armada имаа можност одблиску да ја доживеат уникатната магија на Вевчанскиот карневал – автентична традиција стара повеќе од 14 векови, препознатлива по својата сатира, маски, хумор и слободарски дух. Тие беа дел од нашата енергија, нашите улици исполнети различни маски и нашата неповторлива василичарска атмосфера.

Точно еден месец подоцна, следеше возвратната посета. Претставници од Општина Вевчани Municipality of Vevcani, заедно со претставници од Василичарско Друштво ”Горна Мала” Вевчани и Василичарско друштво „ДОЛНА МАЛА“ Вевчани, беа дел од прекрасниот карневал Corso de las Luces во Антверпен-Бергхем, Белгија.

Во рамки на организираната работилница имавме можност пред публиката да го претставиме нашиот Вевчански карневал – неговата историја, симболика, маските и уникатната традиција што се пренесува од генерација на генерација. Со гордост зборувавме за нашата културна вредност и за значењето на карневалот како живо нематеријално наследство.

Посебно задоволство беше учеството во детската карневалска парада, каде што продефилиравме заедно со ученици од неколку училишта од градот, споделувајќи радост и насмевки. А кулминацијата беше главниот карневалски настан, каде што ја имавме честа да го отвориме овогодинешното издание – момент исполнет со емоции, гордост и силно чувство на поврзаност меѓу двете култури.

За време на нашата посета имавме можност да го разгледаме и градот домаќин – Антверпен, неговата богата историја, архитектура и културен дух. Дополнително, го посетивме и главниот град на Белгија – Брисел, каде со особена гордост го развеавме вевчанското знаме, симболично претставувајќи го Вевчани и неговата вековна традиција во срцето на Европа.

Оваа размена не беше само претставување на традиции – беше вистински мост на пријателство, културна соработка и заемно учење. Докажавме дека карневалот е универзален јазик кој ја обединува заедницата.

Искрена благодарност упатуваме и до амбасадата, како и до г-ѓа Сузана Мехмеди, вршителка на должност во македонската амбасада во Брисел, која не удостои со своето присуство на овој прекрасен, шаренолик, забавен и автентичен карневал.

Продолжуваме да градиме мостови преку традицијата, да ја чуваме нашата автентичност и да ја споделуваме со светот. Вевчани живее преку својот карневал – а сега и преку новите пријателства во европските земји.

Поврзани вести