
Здружението за промоција на уметност и театар МАНА, во копродукција со Македонскиот народен театар, на 28 јули премиерно ќе ја изведе претставата „Вонземјани“ на сцената на МНТ.
Автор на текстот е Игор Кузмановски, а режијата ја потпишува Васил Михаил. Според авторот, „Вонземјани“ не е приказна за суштества од други планети, туку за човекот денес и неговото постепено отуѓување.
Вонземјаните како метафора во современиот човек кој, губејќи ги сочувството, солидарноста, љубовта и одговорноста, полека ги губи и сопствените човечки вредности. Претставата отвора и едно суштинско прашање – дали среќата е реална состојба или само илузија што ни помага полесно да се соочиме со реалноста.
Режисерот Васил Михаил оценува дека духовитите дијалози и низа инцидентни ситуации ја прават оваа социјална, горчлива драма за нашето секојдневие истовремено свежа, комична и емотивна.
Во претставата играат Нино Леви, Марија Новак, Димитрина Мицкоска, Наум Ѓорѓиески и Димитар Паскоски, а костимограф е Благој Мицевски.
Актерката Димитрина Мицкоска вели дека работата на „Вонземјани“ претставува нов креативен предизвик, кој го доживува со голема радост и ентузијазам.
„Како актерка, неизмерно ме исполнува чувството кога по еден успешен проект веднаш следува нов, кој носи уште поголем креативен предизвик и возбуда. Среќна сум што имам можност да работам со исклучително квалитетни и посветени екипи, а најголема привилегија е што секојдневно ја работам професијата што искрено ја сакам.
Навистина е благослов кога работниот ден започнува со насмевка, позитивна енергија и заедничко создавање исполнето со хумор и инспирација.
„Вонземјани“ е комедија напишана со голема умешност од Игор Кузмановски – текст што уште од првото читање буди желба да се постави на сцена. Работата со оваа актерска екипа, под режисерската палка на Васил, ми дава уверување дека нè очекува прекрасно и креативно лето. Искрено се радувам на средбите со публиката и сум убедена дека ова е претстава која ќе ги полни салите и долго ќе остане на репертоарот, затоа што навистина вреди да се гледа.“
Марија Новак, пак, истакнува дека процесот на создавање на претставата е исполнет со силна актерска енергија и одлична сценска хемија, а верува дека публиката лесно ќе се препознае во темите што ги отвора текстот.
„Навистина сум благодарна што станав дел од претставата „Вонземјани“ и неизмерно уживам во целиот креативен процес, работејќи со моите прекрасни колеги Нино, Димитрина, Наум и Димитар.
Комедијата отсекогаш била жанр што природно ми прилега, и професионално и приватно, па затоа со особено задоволство го создавам овој проект. Истото го чувствувам и кај моите колеги, што е доказ дека режисерот Васил Михаил направил одличен избор на актерска екипа и создал вистинска сценска хемија.
Авторот Игор Кузмановски низ богат сплет од сатира, гротеска, гег и апсурд создава свет во кој се преплетуваат секојдневни и необични ситуации, впечатливи карактери и динамични меѓучовечки односи. Токму таа комбинација ѝ дава на претставата посебна енергија и препознатливост.
Убедена сум дека „Вонземјани“ ќе биде комедија што публиката искрено ќе ја засака, бидејќи зад смеата и хуморот се кријат теми што сите ги живееме. На духовит и оригинален начин, претставата отвора важни прашања од нашето секојдневие, оставајќи простор и за смеа и за размислување.“

Македонски



