Skip to main content

Премиера на младинската претстава „Челинџ“ во Театар за деца и младинци

Премиерата на новата младинска претстава „Челинџ“, авторско и режисерско дело на Јане Спасиќ во Театар за деца и младинци во Скопје е закажана за вечерва, на први октомври во 20 часот.

Претставата трае 78 минути и е наменета за публика на возраст од 12+ години.

Во претставата играат: Никола Наковски, Ангела Димитрова, Бојан Кирковски, Матеа Јанковска, Ненад Митевски, Изабела Новотни, Драган Довлев и Ана Левајковиќ-Бошков. Сценографијата е на Симе Атанасијевиќ, костимографијата на Илина Чолак, а дизајнот на плакатот го потпишува Матеја Николиќ.

Преку драмски јазик што го следи ритамот и естетиката на генерацијата З, „Челинџ“ ги разоткрива премолчените одговорности на возрасните – институционалната рамнодушност, симболичните иницијативи што повеќе служат за добар впечаток отколку за вистинска промена. Тие често само ја маскираат токсичноста на системот. Во исто време, младинскиот глас продолжува да се замолчува – токму тогаш кога најгласно бара да биде чуен. Претставата не нуди едноставни одговори – туку потсетува дека молкот честопати не значи мир туку продолжување на проблемот. И дека она што се нарекува „чување на редот“ понекогаш само го прикрива она што најмногу треба да се промени.

Живееме во време кога поголемиот дел од растењето на нашите млади се случува пред екраните, а нивната вредност јавно се мери преку социјалните мрежи. Ние постарите тешко го разбираме овој свет и често го осудуваме, па поради тоа го губиме контактот со нив и со нивната реалност. Ваквата „комуникациска тишина“ ги остава младите сами да се снаоѓаат во своите најранливи години и во тој хаос неретко се доведуваат до ризични ситуации што можат да остават трајни белези и трауми“, вели авторот и режисерот Јане Спасиќ осврнувајќи се на претставата.

„Со оваа претстава сакав да отвориме дијалог и да им покажеме на младите дека театарот се обидува да ги слушне и дека пробува да ги разбере. За родителите и возрасните се надевам дека оваа претстава ќе биде прозорец кон светот на младите кој често изгледа неразбирлив и далечен, свет кој за нашите млади е дел од нивниот идентитет и достоинство“ – додава Спасиќ.

Според него, „Челинџ“ од една страна е претстава за предизвикот пред сите нас – како да ја вратиме довербата и дијалогот меѓу генерациите. Но, „Челинџ“ пред сѐ е претстава за борбата на младите да ја вратат вербата во себе и да разберат дека можат да го направат ова општество подобро и поубаво место за живеење.

Поврзани вести