Skip to main content

Премиера на „Коса: Порои на бес“

Независната продукција „Театар за Магдалена и Бојан Кирковски“ денеска во 20 часот во Театар Комедија премиерно ќе ја изведе театарската претстава „Коса: Порои на бес“, поставена по текст и режија на Билјана Радиноска, а во која игра актерот Бојан Кирковски.

Покрај режисерката Билјана Радиноска и актерот Бојан Кирковски, во подготовката на претставата учествуваа Ненад Митевски (глас) и Душица Настова (аудио-монтажа), додека дизајнот на плакатот е на Соња Ставрова.

Станува збор за црна комедија што го истражува парадоксот на современиот човек. Сместена меѓу стенд-ап и исповед, оваа монодрама ги отвора прашањата за токсичната машкост, социјалната надмоќ и невидливите механизми на агресијата што ја обликуваат нашата секојдневност.

Бојан Кирковски актерски отсликува серија на живописни и контрастни ликови – од скитници до милионери – и со претставата создава колаж од гласови кои, секој на свој начин, се обидуваат да ја задржат контролата во свет што одамна ја изгубил рамнотежата.

Претставата „Коса: Порои на бес“ комбинира хумор и хорор, сатиричност и болка, претворајќи го индивидуалниот немир во општествена дијагноза. Ликовите се смеат, навредуваат, се исповедаат и се распаѓаат, создавајќи еден непрекинат тек на емоции – помеѓу агресија и ранливост, гнев и самоиронија.

Следната изведба е на 6 ноември.

Претставата се реализира во продукција на „Театар за Магдалена и Бојан Кирковски“ и „Лист Продукција“, а поддржана е од Министерството за култура и туризам и од Театар Комедија – Скопје.

Поврзани вести