
„Лов на дива свиња“ по текст на црногорската писателка Марија Сарап, а во режија на Наташа Поплавска премиерно ќе биде изведена на 19 јули, в сабота, во 20,30 часот на малата сцена на Македонскиот народен театгар (МНТ) во рамки на Скопско лето
Претставата е праизведба и е спој на два драмски текста од современата авторка Сарап – „План Б“ и „Лов на дива свиња“, и двете тематизираат интимна приказна за жени што трпат семејно насилство и прашањето како да се спротивстават и да се заштитат во тие токсични околности во кои забораваат на себе и се преобразуваат во нешто што не се. Токму поради тоа што станува збор за интимна приказна е избрано таа да се постави на малата сцена на МНТ.
„Лов на дива свиња“ е приказна за семејно насилство и семејни тајни, демони што се пренесуваат во фамилијата. Женски крик за сите жени кои доживеале барем малку од она што ќе се види на сцената, за жени кои молчеле и се прашувале дали да кажат и кому да се обратат. Ова е апел и до институциите. Мисијата сме ја постигнале ако барем некој во публиката се реши да си каже: Доста е!, изјви на денешната прес-конференција режисерката Поплавска, додавајќи дека се работи за „женска тема со јасна порака“.
Според Сарап, се работи за приказна за „демоните што ги ловиме цел живот во себе и се обидуваме да ги избркаме од себе за да бидеме подобри луѓе“.
И за целото тоа време се појавуваат сите други што нѐ разубедуваат дека не постојат демони и дека работите се решаваат на друг начин, а не како што ние замислуваме, и на тој пат ние се враќаме назад … Она што ни стана јасно уште од првите проби и што никој не може да ни го земе е дека никој не смее да ве тепа, никој не смее да ви ги одзема децата – никој. Ако тоа се каже на јасен начин низ текстот и преку режијата и актерската игра – ние сме успеале колективно. Не се работи за театарот и за секој од нас лично, туку се работи за сите нас – да станеме подобри луѓе, изјави Сарап, која е и уметнички директор на Црногорскиот народен театар.
Претставата е копродукција помеѓу МНТ, Градско позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје и е прва соработка по потпишаниот Меморандум за продлабочување на културна и уметничка размена меѓу Македонија и Црна Гора.
Во претставата играат актери од двете земји: нашите Искра Ветерова-Славенска, Ана Стојановска и Мина Јелушиќ-Јериниќ и гостите од Црна Гора – Ѓоргије Татиќ и Вукан Пејовиќ, кои на сцената ќе зборуваат на македонски и на црногорски јазик.
Актерката Искра Ветерова-Славенска, која по повеќе години се враќа на сцената, посочи дека се обидуваат да ги најдат причините за тоа зло, трауми и стравови, но не за да ги оправдаат, туку, рече, како да се соочат со нив и да ги пресретнат.
Жената направила избори во животот и сега живее со последиците. Со нејзиното преиспитување се отвора приказната за причините за насилството … на крајот имаме решение како да ставиме точка на сето тоа, додаде Ветерова-Славенска.
Црногорскиот актер Татиќ кажа дека првпат глуми лик на насилник и предизвик му било да проникне во таа мрачна страст што човека го тера да биде груб со оглед, рече, дека сите се раѓаме добри.
Тоа што се случува во претставата и тоа што им се случува на други жени и семејства најчесто останува зад затворени врати. Не ме привлече насилството туку повеќе страста која имплодирана добива сосема поинаков, мрачен пресврт. Прашањето што ме интересираше е што е тоа што го обележува еден човек во неговото растење, кој е тој тригер, траума, за тој да стане таков каков што е, бидејќи се раѓаме со предиспозиција да бидеме добри и да сакаме да бидеме добри луѓе и добри родители, рече Татиќ.
Сценографијата и изборот на костимите за претставата се на режисерката Поплавска, како и изборот на музиката, заедно со Вукан Пејовиќ (гитара).
По праизведбата во МНТ, ќе има премиера и во Подгорица планирана за септември. Како што рече Поплавска, „Лов на дива свиња“ ќе се игра на сцените во МНТ и на Градско позориште Подгорица, со тоа што ќе бидат задолжени две технички екипи и за гостувањата ќе патуваат само актерите.