
В среда, на 3 октомври, на малата сцена на Театар Комедија премиерно ќе биде изведена театарската претстава „Анна“ според истоимениот драмски текст на Драгана Лукан Николоски, во режија на Нина Николиќ.
Станува збор за праизведба на текстот којшто е дел од проектот „Трилогија за љубовта“ на авторката во кој се содржани уште и драмите „Марта Верина“ и „104“.
Драмата е инспирирана од „Ана Каренина“ но не претставува нејзина драмска адаптација. Дали светот е навистина променет, дали ние луѓето сме навистина променети, дали денеска после 150 години Ана има шанса да победи?

Ана има сè – углед, стабилност, совршено семејство. Но зад затворените врати се крие една друга вистина: таа е невидлива во својот живот. Кога се среќава со Алексеј, страста ѝ дава илузија за слобода. Но, дали навистина може да се ослободи? Драма за жената која избира да има избор и да ја плати цената на својата одлука. За бракот во кафез и бунтот кој станува ново ропство. За вечното прашање: што губиме кога се обидуваме да се најдеме?
Во претставата играат: Маја Љутков, Благој Веселинов, Саша Ханџиќ и Маја Зеќо, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимите на Ивана Каранфиловска Угуровска, а музиката на Оливер Јосифовски.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ и од Гете институтот, а се реализира како копродукција помеѓу Перипетија продукција и Театар Комедија.

Македонски






