
Повеќе 50 настани од областа на музиката, театарот, ликовната уметност, ќе се одржат во наредните 40 денови на 47. издание на „Скопско лето“ кое почнува на 21 јуни и ќе трае до 30 јули, соопштија од Дирекцијата за култура и уметност на Град Скопје на денешната прес-конфренција.
Годинешното издание на фестивалот ќе се отвори со изложба „75 години Државен архив на Република Македонија“, со почеток во 20:30 часот во Музејот на македонската борба за самостојност. Изложбата е подготвена по повод 75 години постоење на оваа значајна институција, јубилеј кој се одбележува во 2026 година и ги опфаќа најзначајните документи кои се чуваат во Државниот архив – централен дел и неговите девет Одделенија во Скопје, Тетово, Куманово, Штип, Струмица, Прилеп, Битола, Охрид и Велес.
На 16 паноа прикажани се документи кои говорат за историјата на Македонија во османлискиот период, историја на секојдневниот живот, за Македонците кои живеат во дијаспората, културниот живот во XX век, институционалната меморија во македонската држава и други.

До сега изложбата беше промовирана во рамки на Свечената академија која се оддржа на 6 април 2026 година по повод јубилејот во Македонскиот народен театар, а наскоро ќе биде претставена во Куманово. Автори на изложбата се м-р Марјан Гијовски, Блерта Емини, Дора Јурукова, д-р Јасмина Дамјановска и м-р Јован Стојановски.
Свеченото отворање продолжува во просториите на Музејот на македонската борба за самостојност во 20:30 часот со концерт насловен „Аманет во свила: Звуците на Македонија од Византија до денес“ на Камерниот гудачки оркестар „Полифонија“ и солистот Петар Христов (лира, уд, лаута, дудук, G-кларинет). Гости на концертот се Ана Митовска (вокал, ксантур), Горан Трајковски (вокал), Гоце Ристовски (вокал, тамбура), Симон Облешевски (вокал, удиралки) и Александар Ицковски (виолончело, кларинет).

Оркестарот „Полифонија“ го сочинуваат: Сања Шуплевска (виолина), Ирена Костовска (виолина), Гоце Вангеловски (виолина) и Филип Георгиев (виола). Овој проект е авторски проект на мултиинструменталистот Петар Христов, со аранжмани на Александар Ицковски.
Уникатниот аудио-визуелен настан претставува длабок спој на традиционалниот мелос, византиската духовна музика и класичната софистицираност. Преку богатиот звук на автентичните инструменти – лира, уд, лаута, дудук, ксантур, тамбура и кларинет, публиката ќе патува низ вековите: од емоцијата на македонската изворна песна, преку молитвените псалми, па сè до раскошните византиски и средновековни мотиви. Концертот нуди внимателно конципирана репертоарска линија во 18 точки, која се движи од моќни традиционални теми како „Развивај горо зелена“, преку духовната длабочина на Псалмите 118 и 120 и мистичните композиции „Ватопед“ и „Тврдокорна молитва“, па сè до раскошните оркестарски звуци на „Весела Византија“ и „Бузелик“.
„Аманет во свила“ е музички проект инспириран од културните и духовните слоеви што низ вековите го обликувале македонскиот простор. Преку внимателно избрана програма, концертот ги поврзува византиското наследство, ориенталните влијанија и современиот музички израз во единствена звучна целина. Делата создаваат патување низ времето, откривајќи ги допирните точки меѓу различните традиции, стилови и идентитети. Проектот претставува уметничко истражување на меморијата, културниот континуитет и богатството на музичкото наследство на Македонија.
Солист на концертот е Петар Христов, наш уметник кој што е навистина прочуен во истражувањето на овој тип на музика кој што ќе се претстави со инструменти кои се навистина специфични и кои што низ вековите наназад биле користени тука. „Полифонија“ е проект кој што премиерно ќе биде претставен на Скопсо лето, но меѓутоа тој ќе продолжи да живее и на некој начин ќе ја презентира нашата култура и уметност надвор од Македонија. Како културно тело, беше кажано на денешната прес-конфренција.

Македонски



