
На 82-годишна возраст почина професорот на Филозофскиот факултет во Скопкје Кирил Темков, објави на социјалните мрежи Зоран Крстевски, негов ученик и ментор.
Професорот Темков ги предаваше предметите Етика, Естетика и Филозофија на менаџерството на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје.
Роден во Кавадарци, 1943 година, во занаетчиско семејство, учел во Белград и во Скопје, дипломирал 1968 година, а докторирал во 1982 година во Скопје.
Не напушти нашиот професор и мој ментор д-р Кирил Темков. Професорот остави голема трага со својата просветителска дејност и со непоколебливата решеност за воведување на Етиката во основното и средно образование. Врвен филозоф и етичар со светски глас, тој е автор на голем број книги, учебници и научни дела од областа на филозофијата, етиката, менаџерството, уметноста, естетиката, џез музиката итн. На македонски јазик ги има преведено делата на најзначајните светски филозофи и етичари и со својата креативна и образовна активност има предавано на голем број светски универзитети. Ќе го помниме по својата професионална посветеност, непосредност, врвна ораторска умешност во пренесувањето на знаењето и менторската поддршка за создавање успешни и значајни научни дела. Мојата пријателска и научна соработка со професорот траеше повеќе од 25 години во кои имав чест да придобивам дел од неговото огромно знаење за филозофијата, етиката и другите научни области. Вечна слава на професорот и сигурно ќе го најде својот мир меѓу ангелите, објави проф. д-р Зоран Крстевски.
Во неговите најплодни години беше посветен на внесувањето на етиката во сите степени на образованието. Во таа насока ги напиша и книгите „Етика за децата“ (2003, преведена и на бугарски), „Етика за 2 клас гимназија“ (2004), „Етика за 3 клас гимназија“ (2004), „Филозофија за 4 клас гимназија“ (2005), „Етика и љубовта“ (етика во градинките, 2006).
Од останатите негови дела се и „Деловна и професионална етика“ (со проф. Серафим Томовски, на македонски и албански јазик, 2006), „Професионална етика“ (2011), „Етичари – 100 најзначајни философи на моралот“ (2014), „Биоетика за најмладите“ (2013-2015), „Џез – естетика и антропологија“ (2017).
Темков ги преве книгите: „Прагматизам“ од Вилијам Џејмс, „Критика на практичниот ум“ од Имануел Кант, „Научна расправа за методот“ од Рене Декарт, „За слободата“ од Џон Стјуарт Мил, „Ецце Хомо“ на Фридрих Ниче, како и книгите на Павао Вук-Павловиќ, Душан Недељковиќ, Лука Прошиќ, Миленко Пејовиќ и др.
Погребот на проф. д-р Кирил Темков е закажан за утре, недела, 28 декември.

Македонски







