Skip to main content

По музика праќаме порака во светот дека сме тука, постоиме и сме рамноправни, кажа маестро Симон Трпчески на славеничкиот концерт во Скопје за 25 години кариера

Новогодишна латино-музичка идила беше концертот на пијанистот со светски глас Симон Трпчески кој синоќа, на 20 декември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје прослави 25 години уметничка и невројатно богата и успешна кариера.

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, г.г. Стефан, претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, министерот за култура Зоран Љутков со сопругата, личности од јавната сцена беа гости на концертот на кој се славеше љубовта, жената, убавината, страста за животот.

Благодарам на сите значајни луѓе кои се вечерва овде и кои нѐ поддржавте за заедно да ги почнеме последните денови од 2025 година Да нѐ има уште многу 25-ки и 50-ки и да се множат успесите на сите квалитетни луѓе, рече синоќа еден од најголемите амбасадори на македонската култура во светот, маестро Трпчески.

Концертот, најавен како музички спектакл посветен на 25-годишнината од уметничката кариера на Трпчески почна со македонска премиера на „Шпанска рапсодија“ на Кристобал Халфтер, а заврши со „Тоска оро“ во аранжман на Панде Шахов, кој специјално за концертот дојде од Лондон. На концертот диригирше Сашо Татарчевски, настапи ансамблот „Македонисимо“, оркестарот на Националната опера и балет и гостите Дарко Багески и Дејан Милевски на гитара, Паскал Краповски (виолончело), Петре Јованов (хармоника) оперскиот пејач Иван Наумовски, Андријана Јаневска, ќекрата на Трпчески, Лара.

Вечерва ќе имате можност да уживате во една прекрасна музика, избор на дела од за нас, да кажам, прилично блиски како менталитет и народ и музика, па донекаде и традиции, а ќе прошетаме и низ Шпанија и Латинска америка, рече Трпчески најавувајќи го концертот.

По „Шпанската рапсодија“ ја слушнавме „Цигански напеви“ (П. Сарасате), а во вториот дел од концертот уживавме во фрагмент од „Концертот во Аранхуез“, „Танго во скај“, потоа изведбата на Наумовски и Јаневска на „Бесаме мучо“, арија на тореадорот од операта „Кармен“, а „Ѕвездичка“ Трпчески ја посвети на своите деца. Светски познатата божикна песна „Фелиз навидад“ ја испеа Лара Трпческа, и се придуржија и со Иван Наумовски и Андријана Јаневска, а публиката ги награди со бурен аплауз. Јаневска се појави уште еднаш на сцената со „Бандидо“, евровизискиот хит на Шпанија од 1990 година.

Да се сакаме, да се почитуваме себеси, да си помагаме затоа што само тоа останува и сметам дека сега е многу убав период во кој навистина може да се свестиме за да си направиме да ни е поубаво. Никогаш не е на одмет, а треба да се потсетуваме дека Македонија е библиска земја, ние сме мали, но многу значајни, всушност многу големи, да си помогнеме себеси за да ни биде поубаво и да не почитуваат уште повеќе останатите. По музика, дали од Шпанија, Латинска Америка а вака сега и од Македонија праќаме една прекрасна порака во светот дека ние сме тука, дека постоиме и сме рамноправен и важен дел од нив, рече Трпчески заблагодарувајќи им се колегите кои се дел од неговиот животот и од инспирацијата.

Концертот го оргранизираше „Прагма продукција“ во соработка со Националната опера и балет.

Поврзани вести