
По повод 24 Мај – Денот на македонските и сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, во Македонски културно-информативен центар во Софија, свечено беше одбележан еден од најзначајните датуми за македонската духовност, култура и историска меморија.
Во достоинствена, свечена и силно емотивна атмосфера, настанот беше посветен на бесмртното дело на светите Кирил и Методиј – македонски просветители и духовни великани, чие дело претставува темел на словенската писменост, култура и духовност, но и неизбришлив дел од европската цивилизациска историја.
На свеченоста се обрати директорот на Македонскиот КИЦ во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, кој во своето силно и достоинствено обраќање истакна дека светите Кирил и Методиј се синови на Македонија, од чие дело започнува ширењето на словото, просветата и духовната светлина меѓу словенските народи.

„Од Македонија започна создавањето на словото, на духовната мисла и на просветителството. Од македонската почва се роди светлината што го просветли целиот словенски свет и остави длабок белег врз европската цивилизација“, истакна проф. д-р Пејковски.
Во своето обраќање тој нагласи дека делото на светите браќа не претставува само историско наследство на македонскиот народ, туку универзална цивилизациска вредност. Тој потенцираше дека без македонските просветители Кирил и Методиј, Европа и европската духовност ќе останеле во темнината на неписменоста, а многу народи ќе биле лишени од можноста да се образуваат, духовно да се развиваат и да го слушнат словото на свој јазик.
Проф. д-р Пејковски посочи дека светите Кирил и Методиј не создале само писмо, туку создале духовен мост меѓу народите, темел врз кој се изградени културата, просветата и идентитетот на милиони луѓе. Тој подвлече дека нивната мисија била света и историска – да му дадат глас на народот, достоинство на јазикот и вечност на словото.
Особен акцент беше ставен и на продолжувањето на нивното дело преку светите Климент и Наум, кои токму во Македонија ги поставиле темелите на словенската просвета и духовност. Беше истакнато дека Охрид станал светилник на знаењето и еден од најзначајните духовни центри во Европа, потврдувајќи ја историската улога на Македонија како лулка на словенската писменост и култура.
Во рамки на свеченоста прикажан беше рециталот „Светопис за сесловените“ и беше испратена силна порака за значењето на зачувувањето на македонскиот јазик, култура, духовност и историска вистина, како свети темели на македонскиот национален идентитет. Нагласено беше дека народот што ги почитува своите просветители и го чува својот јазик, ја чува и својата иднина.
Настанот во Македонскиот КИЦ во Софија претставуваше достоинствено сведоштво за живата македонска духовна и културна традиција, но и потсетник дека делото на светите Кирил и Методиј останува вечен симбол на знаењето, просветата, духовноста и македонската историска големина.
Со силни пораки на гордост, достоинство и почит кон македонското културно наследство, свеченоста заврши со заедничка мисла дека светлината што тргна од Македонија пред повеќе од единаесет века, и денес продолжува да свети низ Европа и светот.
Нека е вечен споменот на светите Кирил и Методиј! Нека е вечна Македонија – лулка на словото, духовноста и просветата!

Македонски



