
Во организација на Министерството за култура и туризам и Канцеларијата на Креативна Европа (Култура и МЕДИА) на 24 јуни 2025 година (вторник), со почеток во девет часот, во „Порта Македонија“ ќе се одржат панел-сесии на тема: „Креативна Европа – Соработка, мобилност и вмрежување“.
Настанот се реализира во партнерство со Канцелариите на Креативна Европа од Словенија и Босна и Херцеговина, и во соработка со меѓународни, регионални и домашни организации и институции, меѓу кои: меѓународната мрежа „Во движење“ (On the Move) – Белгија/Франција, Центарот за современи уметности „Топлоцентрала“ – Софија, Бугарија, Центарот за современи уметности – Скопје, Младински културен центар – Скопје, Институтот ФАМЕС – Скопје, ПИН музичка конференција – Скопје, Скопски џез фестивал, Македонската асоцијација на џез музичари и слободни уметници, НУ Оркестар за џез музика, Европската кино мрежа (Europa Cinemas) – Франција, НУ Кинотека на Македонија и НУ Центар за култура – Битола.
Панел-сесиите ќе опфатат повеќе аспекти поврзани со значењето на европската културна соработка, мобилноста и вмрежувањето. Ќе биде презентирана мрежата на Канцелариите на Креативна Европа и ќе се дискутира за предизвиците со кои се соочуваат културните и креативните сектори во рамки на програмата „Креативна Европа на ЕУ“ во матичните земји и пошироко.
Европските и регионалните советодавни и професионални мрежи играат значајна улога во овој контекст, вклучувајќи го и регионот на Западен Балкан и нашата држава, па оттука ќе бидат претставени најновите текови/политики, програми и активности, и споделени искуства меѓу претставниците на регионалните и европските мрежи предвидени во програмата.
Дополнително, ќе се одржи и посебна сесија посветена на секторските културни политики, особено на значењето на соработката, мобилноста и вмрежувањето во музичкиот сектор кој има посебно значење во политиките на ЕУ. Во оваа сесија ќе учествуваат претставници на домашни организации и институции кои се дел од европски иницијативи, платформи и мрежи поддржани од програмата „Креативна Европа на ЕУ“.
Земајќи предвид дека од 2025 година Канцеларијата на Креативна Европа – РС Македонија (Култура и МЕДИА) функционира во рамки на Министерството за култура и туризам, посебна сесија е посветена и на значењето на европските мрежи во областа на аудиовизуелната/филмската дејност, со посебен фокус на Европската кино мрежа (Europa Cinemas).