Skip to main content

Отворена  изложбата „Just now“ на ликовниот уметник проф. д-р Ангел Миов во Белград

Вчеравечер (05.12.2024) во 19:00 во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности на Кнез Михајлова бр.53 во Белград, беше отворена  изложбата „Just now“ на ликовниот уметник проф. д-р Ангел Миов. Ова прво самостојно претставување на познатиот македонски ликовен уметник наиде на голем интерес кај белградската публика.

Ангел Миов е професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и раководител на Катедрата за сликарство и трансмедиумски практики, а заедно со Деканот на Факултетот за ликовни уметности во Белград Радош Антонијевиќ се иницијатори за потесна соработка на Факултетите за ликовни уметности во Скопје и во Белград.

Во каталогот за изложбата, кустосот Јелена Спаиќ ќе каже дека: „Преку проектот „Управо сада/ Just now“ Миов ја преиспитува  структурата на информациите преку призмата на поранешните дневни весници и денешното ширење на информации преку мрежа на слики. Со развојот на информатичките технологии, интеракциите, шемите и лажните датотеки брзо се шират и добиваат пристап до многу корисници (зависници) од допамин. Ангел Миов оваа промена ја разгледува од позицијата на личната и колективната мембранска структура на идентитети и сеќавања кои се специфични за просторите во кои живееме (екс ЈУ). Креира наративен сплет на интимни лични приказни и социо-политички, културни и историски прилики како специфики на овие географски поднебја кои не се осамени. Меморијата и идентитетот се расчленети на елементарни честички кои најавуваат пост-информациско доба кое ветува дека ќе има леб и игри.“

Изложбата „Управо сада/ Just now“ на Ангел Миов посетителите ќе можат да ја видат во Галеријата на ФЛУ во Белград до 19 декември.

Поврзани вести