Магистер доцент Ѓорѓи Цуцковски, оперски пејач, првенец на Операта при Националната опера и балет (НОБ), е новиот директор на националната установа „Охридско лето”.
Тој доаѓа на местото на Анита Алоска, која беше на функцијата в.д. директор измнативе три месеци, информираат од НУ „Охридско лето”.
Цуцковски на македонската јавност ѝ е познат по својата богата интернационална кариера којашто вклучува претставување на македонската култура во САД, Кореја, Индонезија, Јапонија, Кина и ширум Европа. Освен како истакнат македонски уметник има особен придонес за македонската култура и како пoранешен уметнички директор на Македонската опера и музички селектор на Фестивалот „Охридско лето”.
„Охридско лето” за мене претставува бисер на македонската култура и на културниот идентитет на Македонија. Со особена чест и задоволство стапувам на позицијата директор на НУ „Охридско лето” со надеж дека ќе ја продолжиме долгата и богата традиција на успешни и спектакуларни настани, на најголемите светски уметнички имиња и дека Фестивалот ќе продолжи да ја негува богатата традиција од 64 години, вели директорот Цуцковски.