
Друштвото на писателите на Македонија со задоволство Ве информира дека излезе од печат книгата „Она што се памети живее“, со поднаслов „Никогаш докрај раскажани приказни“ – збирка од раскази напишани за поранешни членови на Друштвото што не се физички меѓу нас.Книгата е пред сè исход од текстовите објавени во рубриката „Амаркорд“, која излегуваше во списанието „Стожер“ на ДПМ во периодот од 2018 до 2022 г., период кога Соња Стојменска – Елзесер беше претседателка на Друштвото, а редакцијата на списанието ја сочинуваа: Трајче Кацаров( главен и одговорен уредник), Виолета Танчева -Златева, Александра Јуруковска, Делвина Крлуку и Живко Грозданоски. Членовите на ДПМ беа поканети да се сеќаваат на доживувања со нивни некогашни пријатели, колеги, соработници – писатели и поети, и на тој начин да го оживеат споменот за нив и за нивното дело.
Во „Она што се памети живее“ (цитат од расказот на Снежана Младеновска-Анѓелков за Благоја Иванов) се поместени 21 расказ, поделени во три циклуси: „Книги, списанија, печатници“, „Професори, професорки“ и „Патувања“, а поднасловот „Никогаш докрај раскажани приказни“ (цитат од расказот на Огнена Никуљски за Коле Чашуле) укажува на сите слични раскази што чекаат да бидат напишани, односно на сите автори чиј спомен допрва треба да биде чествуван. Приредувач на книгата е претседателот на ДПМ Живко Грозданоски, а уредничка Сузана В. Спасовска, членка на Управниот одбор на ДПМ.
Во книгата се поместени раскази:
- од Адем Абдулаху – за Абдилазис Ислами
- од Венко Андоновски – за Атанас Вангелов
- од Петар Андоновски – за Лилјана Дирјан
- од Димитрие Дурацовски – за Светлана Х. Јоциќ, Владо Јоциќ, други
- од Ирена Јурчева – за Драги Михајловски
- од Трајче Кацаров – за Благој Самоников
- од Фима Клетникова – за Петре М. Андреевски
- од Александар Кујунџиски – за своите професори: Конески, Митрев, Спасов, Поленаковиќ…
- од Ристо Лазаров – за Ацо Шопов
- од Јелена Лужина – за Јадранка Владова
- од Снежана Младеновска-Анѓелков – за Благоја Иванов
- од Огнена Никуљски – за Коле Чашуле
- од Фросина Пармаковска – за Владимир Костов
- од Владимир Петкоски – за Чедо Јакимовски
- од Христо Петрески – за Светлана Христова-Јоциќ
- од Диме Ратајкоски – за Данило Коцевски
- од Михаил Ренџов – за Блаже Конески
- од Гордана Михаилова Бошнаковска – за Михаил Ренџов
- од Луан Старова – за Гане Тодоровски
- од Георги Сталев – за Стале Попов (текст запишан и уреден од Живко Грозданоски)
- од Влада Урошевиќ – за Славко Јаневски
Книгата е објавена со поддршка од Министерството за култура и туризам и наскоро ќе може да се најде и во книжарниците.Членовите на Друштвото на писателите на Македонија ќе можат да подигнат бесплатен примерок од неа во просториите на Друштвото.
Промоцијата на „Она што се памети живее“ е предвидено да се одржи кон крајот на овој месец со што ДПМ славенички ќе ги заокружи активностите за 2025 година.

Македонски







