Одамна сфатив дека сум осакатен за сите други таленти, освен за пишување, вели во интервју за „Република“ хрватскиот писател Ренато Баретиќ (60) кој годинава е еден од гостите на 11. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ кој ќе се одржи во Скопје од 17 до 19 септември.

Баретиќ веќе 40 години живее исклучиво од пишување. Повремено работи како филмски и телевизиски косценарист и составувач на прашања за најпознатите тв-квизови како „Квискотека“ и „Кој сака да биде милионер“. Во новинарство го минал целиот развоен пат, од почетник во градска рубрика, преку репортер, телевизиски критичар и политички колумнист во поголем број хрватски весници „Вечерњи лист“, „Недељна Далмација“, „Слободна далмација“, „Ферал трибјун“, „Глобус“, „Национал“… Коосновач е, а од 2007 година и уметнички директор на популарниот фестивал за раскажување приказни „Причигин“ во Сплит, Хрватска. Член е на Хрватското здружение на новинари, хрватскиот ПЕН центар и Друштвото на хрватските писатели.

Во 2003 година го објави романот „Осмиот повереник“ за кој ги доби престижните книжевни награди „Владимир Назор“, „Иван Горан Ковачиќ“, „Август Шеноа“, „Ксавер Шандор Гјалски“ „Киклоп“ – награда на Саемот на книга во Пула. „Осмиот повереник“ ја објави „Култура“ на македонски јазик, а подоцна беше снимен и филм кој беше хрватски кандидат за „Оскар“. Потоа следеа романите „Зборувај ми за неа“ (2006), „Хотел Гранд“ (2008) и „Последна рака“ (2021). Објавувал и збирки поезија и избор од ТВ-колумни.

Кај нас, во Македонија, е многу тешко, па скоро и невозможно, еден писател да живее исклучиво од пишување. Како Вам ви успева сиве овие години?  

БАРЕТИЌ: Во Хрватска тоа не е тешко, туку е невозможно. Нема писател или писателка, кои не работат некоја друга, ‘главна’ работа. Некој од нас е новинар, некој е професор во училиште или на факултет. Секој од нас пред сè е нешто друго, а потоа поет или белетрист. Јас одамна сфатив дека сум осакатен за сите други таленти, освен за пишување. Токму овие денови, на 13 септември, се навршуваат 40 години, откако почнав да работам како новинар и оттогаш живеам исклучиво од пишување. Се обидов да работам и некои други професии, но се покажа дека само во пишувањето може да бидам доволно способен и со тоа да ги плаќам сметките, да имам пари за храна, школување на децата…

Кога последен пат бевте во Скопје? Што обично правите кога ќе дојдете кај нас?

БАРЕТИЌ: Последен пат бев многу одамна, во 2017 година. Но тогаш бев цел јуни, четири недели. Дојдов како стипендист на Меѓународната фондација „Традуки“ и бев гостин на „Блесок“. Тогаш, за жал, имав многу работа во Хрватска, која морав да ја завршам и не успеав да стекнам никаков приватен скопски ритуал.
Претходно, бев четири пати, главно само на три дена. Тогаш научив дека најдобро е однапред да им се најавам на моите скопски пријатели и да им дозволам да ме прошетаат таму каде што мислат дека мене би ми одговарало. Но, најтешко ми е што сите, секојпат се разочарани кога ќе видат колку малку може да изедам.

Вашиот последен роман, „Последна рака“, поставува прашања за темелите на книжевноста и на светот, за моралните избори кои ги правиме. Каква е состојбата денес во хрватското општество?

БАРЕТИЌ: Прецизен одговор на ова прашање може да се добие во најмалку двесте редови. Јас ќе се обидам да одговорам со еден збор, а тоа е апатија. Главниот јунак во „Последна рака“ (иако тој е новинар и писател, но романот не е автобиографски) е апатичен до коска, а единствен излез од таа состојба гледа во симболично, професионално самоубиство и да се продаде на капитализмот. Или навистина да се убие, бидејќи трета можност едноставно не постои, нема. Но, на патот до изборот (да не ја уплашам потенцијална пубика), му се случуваат многу бизарни, па и забавни работи.

Каков е вашиот однос кон книжевноста и литературата?

БАРЕТИЌ: На децата им се гади читањето (да ги тргнеме на страна мобилните телефони, интернетот и останата технологија) затоа што и ден-денес во школските лектири ги гњават со книги стари повеќе од 150 години, кои се пишувани на јазик на кој и јас, пред половина век не можев целосно да го разберам.
Министерството за култура се обидува да создаде атмосфера во која сака да прикаже дека многу се грижи за современата книжевност, но тоа е само привидно. Јас пишувам што ми се пишува и кога ми се пишува, но како набљудувач од страна гледам дека на таа сцена постојат премногу конкурентски фракции, картели и други интересни групи.
И за ова прашање би ми требало многу простор за да можам вистински да одговорам, но бидејќи со сета сила се држам до мојата аутсајдерска позиција, ќе кажам дека имам свој уредник, своја лекторка и две издавачки куќи. Тоа се моите луѓе од доверба на кои им верувам и на кои сум им верен, а за сè друго баш и не ми е многу гајле.

фото: Тоне Стојко

Каков е статусот на литературното и на новинарското пишување?

БАРЕТИЌ: Сè ми се чини дека искрено, слободно и во склад со сопствените убедувања единствно уште пишуваат само идеалистичните диносауруси од мојата генерација. Иако, мора да признаам, има уште некои помлади колеги кои успеавме да ги заразиме со нашиот вирус, ние, диносаурусите. Им посакувам среќа, иако знам дека нема да ја доживеат.

Може ли денешното одговорно новинарство да го преживее притисокот на кликовите на порталите? Дали денес има публика за такво новинарство?

БАРЕТИЌ: Од мојата матична редакција, хрватскиот „Тпортал“, каде што одамна пишувам коментари, пред неколку години, многу внимателно прашаа дали смеат, место мене, тие да ставаат наслови на моите колумни. Текстовите се одлични, велат, но насловите се или прекратки или премногу ‘каламбурни’ за денешната публика. А јас, насловите ги ставав така како што учев со години додека работев во „Слободна Далмација“, „Ферал Трибјун“ и другите весници за коишто пишував. Океј, им реков, ајде да видиме што ќе биде со вашите наслови на моите колумни.
Оттогаш ретко во целост се согласувам со секој наслов (и поднаслов и меѓунаслов) кој тие ќе го стават, но читаноста на моите колумни нагло порасна. Читаноста толку многу скокна што јас и безмалку трема ќе побарам и одма ќе добијам зголемување на хонорарот.
А текстовите се исти како и претходно што сум ги пишувал, пишувани се од истата глава, со исти ставови. Очигледно, на читачката публика денес и е потребен некој поинаков магнет, импулс кој е поинаков од оној од пред 20 или 30 години. И кога сме веќе кај публиката: Своевремено бев меѓу најгласните кој бараше читателите слободно да оставаат коментари под текстовите. За две години прв барав таа опција да се укине. Сфатив, во меѓувреме, дека премногу идиоти живеат меѓу нас, премногу будали, а сите имаат право на глас.

Вие предавате и креативно пишува. Дали има телентирани луѓе? Дали се сериозни во намерата да станат писатели и да живеат од пишување или пак тоа го сфаќаат како хоби?

БАРЕТИЌ: Кога беше формирана сплитската „Куќа на креативно пишување“ им реков дека ќе им се придружам, само ако бидам портир, оној кој работи на приземје и контролира кој може да влезе. Оттогаш до денес, еве скоро десет години, работам исклучуво во тоа „приземје“. Се обидувам да им објаснам не луѓето што сè може да се постигне со зборови, со користење на некои синоними, падежи, глаголи, со поинаков распоред на зборовите…Им отоврам огромна кутија со алат за кој дотогаш не биле свесни, а го носеле со себе цел живот. Најголем комплимент кој сум го добил, а сум го чул двапати од различни луѓе, поранешни посетители на школата е: Знаете, јас и понатаму пишувам онака како што вам не ви се допаѓа, но ЧИТАМ на сосема друг начин. Па зарем има ли подобар комплимент од тоа за еден учител?
Меѓу посетителите на моите курсеви „Дисциплина на фантазијата“ има многу телентирани луѓе. Поголемиот дел, се разбира се просечни и без талент. Некои од нив подоцна ќе објават и книги, па веднаш ќе сфатат дека нема леб во пишувањето и одат на курс по едрење на пример, или керамика, готвење…

Вие сте роден загрепчанин, а живеете во Сплит. Како ви се погоди Сплит?

БАРЕТИЌ: Оваа година имам многу јубилеи. Освен 40 години новинарство, тука е и 35 години од излегување на првата збирка поезија, 20 години од првиот роман и 15 години од третиот, а одбележувам и 30 години од преселбата од Загреб во Сплит. Тоа е пола живот. Догодина значи повеќе ќе бидам сплиќанец од загрепчанец, отколку загрепчанец во Сплит.
Ако не ми беше убаво овде, веројатно одамна ќе се вратев или ќе заминев на друго место. Има работи на кои во Сплит уште не успеав да се навикнам и веројатно никогаш и нема, но такви работи има и во Загреб. Одамна, во Сплит ме најде една девојка, создадовме прекрасно семејство, имаме свој стан и во него имам мала работна соба од која дословно, како што пее Оливер Драгојевиќ „С понистре се види Шолта“, така што јас немам друго што да барам. Загреб и понатаму е во моето срце, кое е точно на средина поделено меѓу овие два града. И тоа секогаш ќе биде така, без разлика на годините ‘стаж’.

Разговараше: Александра М. Бундалевска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.