
Од 20 до 28 јули, годинава по 14 пат во Трпејца ќе се одржи културно – забавната манифестација „На зајдисонце“. Организаторот Здржението „За Трпејца со љубов“, ветува интересна програма за туристите и домаќините.

На денот на отворањето во недела од 20.30 часот по поздравниот говор на претставник на Општина Охрид под чие покровителство се одржува манифестацијата Фото клубот „Охрид“ ќе ја претстави најновата продукција на фотографии насловена „Убавината на дофат“. Вечерта со својот настап музички ќе ја „обои“ познатиот саксофонист Горан Папаз.
Во понеделник на 21 јули во истиот термин ќе биде промовиран првиот роман на младата трпејчанка Анастасија Ристеска „Париска сложувалка“ напишан на англиски јазик. Промотор ќе биде д-р Габриела Неделкоска. Претходно деца од Трпејца пред публиката ќе ги покажат своите таленти.
Филмот како уметност годинава има посебно место на Зајдисонцето во Трпејца. Под ведро небо како што впрочем сите овие години се одвива манифестацијата во вторник на 22 јули ќе гостува Антонио Вељаноски, млад режисер, сценарист и фотограф кој живее на реалцијата Охрид – Прага. Присутните ќе можат да го погледаат неговиот филм „И(с)згубени“.
Во среда од 19 и 30 часот ќе се одржи популарната Трка со куфери по скалинадата во Трпејца која има натпреварувачки карактер а потоа ќе настапат Мила, Македонка и Билјана. Трите девојки недоамна дипломираа на ФМУ во Скопје.
Ден потоа гостува Драмското студио „Цвет“ под раководство на Драгана Боцеска со претставата „Приказни“ а пред тоа ќе бидат прикажани и наградени најдобрите три фотографии од Трпејца направени со мобилен од страна на туристите.
Петокот е резервиран за промоцијата на монографијата „Златните години на КК „Рибар“ од Трпејца од авторот м-р Милчо Јованоски. Промотор ќе биде новинарот и публицист Горан Момироски. Претпладнето ќе се одржи традиционалната регата „Номче Митрески“.
Во сабота на 26 јули ќе гостува Театарскиот проект на ОСУ „Св. Климент Охридски“од Охрид со „Виолината што одекнува низ вековите“од авторот и ментор м-р Михаил Патчев а ќе биде прикажан и документарецот „Охридските трубадури“.
Традиционално подиумот на летото во Трпејца ќе биде место за настап на неколку млади музички уметници – реродуктивци кои во недела на 27 јули ќе имаат свои куси настапи и во кафеаните крај езерото. Вечерниот термин ќе биде заокружен со една нова воспоставена релација на организаторите со Интернационалниот етнографски филмски фестивал кој паралено ќе се одржува во рамките на Илинденски денови во Битола. Брачната двојка Бландине Брунхес – Гламчевски и Тони Гламчевски од богатата понуда за Трпејца селектираа пет куси филмови од Чешка, Баскија – Шпанија, Кенија , Хрватска и Србија.
Честа и годинава да го затвори летото ќе им припадне на женскиот хор „Акордис“ од Охрид под диригентската палака на Билјана Николоска.
Културно – забавното лето „На зајдисонце“ освен од Општина Охрид е помогнато и од спонзори од Охрид, Скопје и поединци вљубеници во Трпејца.