Skip to main content

Објавен е „Речник на синоними во македонскиот јазик“, од д-р Толе Белчев и д-р Снежана Веновска-Антевска

Во издание на „Бата прес“ објавено е делото„Речник на синоними во македонскиот јазик“, од д-р Толе Белчев и починатата универзитетска професорка д-р Снежана Веновска-Антевска.Делото е објавено со поддршка на Министерствово за култура, во рамките на Националната програма за издаваштво за 2025 година.

„Станува збор за лексикографски труд кој бездруго, влегува во богатото семејство на македонски лексикографски трудови создавани во долг временски период, односно во една подолга македонистичка традиција. За илустрација да спомнеме неколку од нив: речникот на Константин Миладинов приложен на крајот од Зборникот на народни песни од двајцата браќа од 1861 година; четиријазичникот и тријазичникот на Ѓорѓија Пулевски од 1873 и 1875 година; тритомниот ’Речник на македонскиот јазик со српскохрватски толкувања‘ од составувачите Тодор Димитровски, Благоја Корубин, Трајко Стаматоски, а под редакција на Блаже Конески од 1961, 1965 и 1966 година; ’Обратен речник на македонскиот јазик‘ од Владимир Миличиќ под редакција на Кирил Конески и Александар Џукески од 1967 година; ’Речникот на македонската народна поезија‘ од група автори под редакција на Тодор Димитровски“, пишуваат авторите во предговорот на овалексикографско издание.Речникотсодржи 548 страници речнички текст, предговор, список на скратеници и користена литература. Клучниот дел од Речникот опфаќа 19 365 заглавни збора со податоци за секоја буква одделно.

„Но, она што на овој Речник му дава дополнително значење е обработката на синонимите и преку асоцијативниот модел, односно преку поврзувањето на поимот со знакот со што се нудат и преносните, фигуративните (метафоричните) врски меѓу одделни зборови“, пишува во предговорот д-р Толе Белчев.

Предложениот труд насловен како ’Речник на синоними во македонскиот јазик’ изработен од проф.д-р Толе Белчев и проф. д-р Снежана Веновска-Антевска претставува пионерски потфат во македонската лексикографија и лексикологија. Македонија и денес не може да се пофали со многу лексикографски изданија, освен до извесен степен со двојазичните речници. Посебните речници посветени само на македонскиот јазик се вистинска реткост и тоа е една од незавршените задачи на македонската лексикографија и лексикологија“, пишува рецензентот на делото,универзитетскиот професор д-р Максим Каранфиловски.

Книгоиздателството „Бата прес“ во својата едиција лексикографски изданија има објавено повеќе речници, меѓу кои и првиот том на „Правописно-нормативен речник на македонскиот стандарден јазик“ од група универзитетски професори, „Речникот на туѓи зборови во македонскиот јазик“ од д-р Толе Белчев, Снежана Веновска-Антевска и Елена Јованова-Грујовска, „Полско-македонски разговорник“ од д-р Максим Каранфиловски, „Речник на сложенките во македонските црковнословенски текстови“ одВесна Костовска и други лексикографски изданија.