Кога последен пат сте добиле новогодишна честитка во плик, адресирана на домашна адреса?
Во едни други времиња, ова време од годината беше резервирано за испраќање новогодишни честитки и беше еден вид традиција. Се купуваа во голем број, најчесто од новогодишните тезги кои се поставуваа во центарот на градот и се испраќаа преку пошта на роднини, пријатели, симпатии… Децата им испраќаа честитки со најубави желби и можеби по некој цртеж на своите соученици, а постарите до роднините, соработниците, пријателите. Цели списоци се правеа во семејствата за испраќање новогодишни честитки. Но, и пристигнуваа од секаде, од сите страни на светот, од сите континетни. Од секаде доаѓаа желби за успешна, среќна и весела Нова година. Ги носеа поштари до врата, а од адресираните пликови ќе излезеа честитки со ликовите на Дедо Мраз, еленчиња, снегулки, зајачиња, по некој оџачар и детелина или потковица за да ви донесе среќа во новата година…
Денес, со појавата на современите технологии, торбите на поштарите содржат се помалку новогодишни честитки. Со мобилните телефони испраќаме виртуелни прегратки, љубов, па и новогодишни честитки.
Кој уште праќа новогодишни честитки и дали се купуваат онака старомодно со плик? На овие прашања побаравме одговори од Натали Китаноска од платформата „Лице в лице“ кои преку продажба на новогодишни честитки во овој период од годината им помага на лица од социјално ранливи категории да добијат можност да се тргнат од улица, која засега им е единствена адреса.
Сметам дека ја продолжуваме традицијата да се испраќаат новогодишни честитки, бидејќи кога луѓето подаруваат честитки за Нова година од „Лице в лице“ всушност подаруваат три емоции: емоцијата која уметникот ја остава на картичката кога ја креира, емоцијата на продавачите која ја пренесуваат при нивната продажба и она што самиот купувач како емоција ќе го напише на честитката со својот сопствен ракопис, вели Китаноска.
Истакнува дека нивните продавачи секоја година им потврдуваат дека се поголема е побарувачката на новогодишни честитки и дека тоа ја радува, бидејќи на сите помалку ни недостига таа традиција.
Таа посочува дека за нив честитките се мали уметнички дела кои се движат по улиците на Скопје, но и во останатите градови низ Македонија.
Гордана Малинова е дел од мрежата продавачи на честитки од „Лице в лице“. Таа вели дека одлично и се продаваат честитките и секоја година се бараат повеќе. Посочува дека токму во декември се продаваат честитките од кои половина од сумата останува за неа, а најчесто се избираат честитки со ликот на Дедо Мраз и со дечиња.
Со купувањето на овие честитки од „Лице в лице“ не само што се купува нешто автентично, бидејќи тие годинава се насликани од ликовни уметници како Ване Костуранов, Руки Чуки, Андреја Бојковска, Ѓорѓи Равански…и многу други, кои ги отстапиле нивните дела на оваа платформа, туку и помагате на продавачите бидејќи дел од парите остануваат за нив, а другиот дел се користи за инклузивни програми