Skip to main content

Наградата „Ванѓа Чашуле“ за 2024 и 2025 година за најдобар превод од шпански или од португалски за Ненад Трповски

„Антолог“

Доделена е наградата „Ванѓа Чашуле“ за најдобар превод од шпански или од португалски јазик за годините 2024 и 2025 година.

Оваа година, наградата за книжевен превод „Ванѓа Чашуле“ се доделува третпат по нејзиното возобновување во 2023 година, на иницијатива на семејството, по повод 40- годишнината од смртта на Ванѓа Чашуле (1923–1986), една од првите преведувачки од шпански и првата од португалски на македонски јазик, во чиј опус се дела од повеќе познати автори меѓу кои се истакнуваат „Сто години самотија“ од Габриел Гарсија Маркес, „Сребре и јас“ од Хуан Рамон Хименес и „ Габриела, каранфил и канела“ од Жорже Амадо.

Комисијата во состав: академик Илија Чашуле (организатор на наградата, лингвист и книжевен преведувач), Игор Поповски (претседател на комисијата, книжевен истражувач и преведувач), Лилјана Митковска (член на комисијата, професор и лингвист) и Виолета Јагев (член на комисијата и книжевен преведувач, добитник на наградата), разгледуваше преводи од шпански и од португалски јазик објавени во 2024 и 2025 година, а од преведувачи што досега не ја добиле оваа престижна преведувачка награда.

фото: „Антолог“

Комисијата едногласно одлучи наградата „Ванѓа Чашуле“ за 2024 и 2025 година да му ја додели на преведувачот Ненад Трповски за неговиот превод од португалски на македонски јазик на делото „Книга“ од современиот португалски писател Жозе Луиш Пејшото, во издание на „Антолог“ од 2024 година. Изворниот наслов на книгата гласи „Livro“ и е првообјавена во Португалија во 2010 година. Комисијата смета дека преводот мошне успешно ги пренесува јазичните и стилските особености на овој метафикциски роман, задржувајќи го богатството на авторовиот израз и сложената наративна структура.
Со внимателно избрани реченични и лексички решенија, преведувачот природно го воведува македонскиот читател во светот на делото, така што книгата се чита како да е изворно напишана на македонски јазик – одлика на секој врвен превод.

Доделувањето на наградата ќе биде во понеделник, 22 јуни 2026 година.