
Третиот ден од фестивалот Литера носи богата и шаренолика програма исполнета со инспиративни активности за деца и возрасни. Фокусот ќе биде ставен на работилници и промоции кои го слават креативното изразување и моќта на сликовницата како медиум.
На последниот фестивалски ден, Литера го носи гостинот од Естонија, Урмас Реинма, кој ќе ја претстави својата сликовница „Каде го најде?“. Реинма е автор и копирајтер. Својата писателска кариера ја започнал во 90-тите години додека студирал естонски јазик и литература, а подоцна работел како слободен преведувач, театарски критичар и уредник на вести за култура. Сликовницата „Каде го најде“ („Kust sa selle nadli“) се најде меѓу петте најубави сликовници во Естонија во 2020 година.
Гостинот од Естонија, во текот на утрешниот фестивалски ден ќе одржи и работилница за деца.
Сликовницата на Урмас Реинма претставува исклучително уникатна приказна која ги поттикнува децата да размислуваат за изгубените и пронајдените предмети, но пред сè, отвора бројни можности за дискусии за несебична помош, љубезност и грижа за другите, дури и ако се непознати“, велат од тимот на Литера, додавајќи дека им претставува чест и задоволство овој автор заедно со неговата приказна да ги претстават пред публиката во Сули Ан.
Во текот на денот ќе се одржат работилници за илустрација со Софија Семенпеева, кои ќе им овозможат на учесниците да го истражат светот на визуелната приказна и да создаваат квалитетна илустрација.
Љубителите на едукативни содржини ќе можат да уживаат во работилниците со штедливото слонче Халки, наменети за најмладите, со цел преку игра и интеракција да се развие креативното изразување кај децата. Овие работилници се поддржани од долгогодишниот партнер на фестивалот, Халкбанк.
Во текот на вечерните часови ќе се промовира и сликовницата „Црното маче“ на авторот Неше Рамовиќ и илустраторката Наталија Лукомска, од издавачката куќа „Светулка“ и промовирана од Сребра Ѓорѓиевска.
Посетителите и утре ќе имаат можност да ги погледнат двете изложби поставени во рамки на Литера – ретроспективата на Орде Манески и изложбата на современите македонски авторки Софија Семенпеева, Иванка НиБа и Анастасија Јованова.
Од тимот на фестивалот велат дека Литера останува верен на својата мисија – да биде мост меѓу уметноста, литературата и децата, поттикнувајќи ги на имагинација, читање и создавање.