
На Филозофскиот факултет во Нитра, Словачка отворен е Лекторатот за македонски јазик, литература и култура. Станува збор за дванесетти лекторат на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на партнерски универзитети во светот. Во Словачка се отвора за првпат ваков лекторат, кој воедно е круна на дваесетгодишните огромни заложби на лекторот, професор Звонко Танески и неговиот влог во промоцијата и афирмацијата на македонистиката, велат од Универзитетот.
Во Ректоратот на Универзитетот во Нитра најпрвин беше свечено потпишан нов меѓууниверзитетски договор, чии потписници се ректорката на Универзитетот Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. Билјана Ангелова и ректорот на Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, проф. д-р Либор Возар.
Проректорката за меѓународни односи на Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, доц. д-р Мартина Павликова, кажа дека меѓууниверзитетската соработка на Нитра и Скопје е приоритетна заложба во работната платформа на хуманистичките науки и во иднина.
Лекторатот е отворен со помош и поддршка на амбасадорката во Република Словачка Евгенија Илиева, Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, како и Министерството за образование и Министерството за финансии.
На Филозофскиот факултет во Нитра отворена е и изложба на уметниците Ана Митевска и Филип Фидановски, чиј куратор е Јасминка Намичева.

Македонски







