
Во камерната сала на Македонската филхармонија, синоќа се одржа хуманитарен концерт со исклучително значење – музичка вечер исполнета со класика, солидарност и поддршка. Настанот започна со едноминутно молчење во знак на почит на жртвите од трагичната несреќа во Кочани, а потоа салата ја исполни музиката на Бетовен.

На концертот, публиката имаше ретка можност да ужива во изведба на делата – Концерт за виолина и Симфонија бр. 7, под палката на маестро Симовиќ и оркестарот на „ФЕЈМС“ институтот составен од млади, исклучителни музичари од различни европски земји. Стоечките аплаузи ги вратија на бис, а избонредниот Роман Симовиќ уште еднаш потврди зошто е еден од најценетите виолинисти на нашето време.

Средствата од продадените билети ќе бидат донирани за фондот за поддршка на семејствата на жртвите и повредените во трагичниот пожар во ноќен клуб во Кочани.
Во моменти кога зборовите не се доволни, музиката може да биде најчистата форма на утеха и солидарност. Овој концерт е наш начин, преку уметноста, да им дадеме поддршка на семејствата погодени од оваа незамислива трагедија. Исклучително сме благодарни на Роман Симовиќ што ја прифати поканата да настапи и ја стави својата уметност во служба на хуманоста, велат организаторите.