Skip to main content

„Матица македонска“ одбележува 35 години постоење, од 5 февруари го почнува традиционалниот зимски саем „Книга во секој дом“

Фото: Издавачка куќа „Матица македонска“

„Матица македонска“ – првата издавачка куќа во самостојна Македонија одбележува 35 години постоење и годишнината ќе ја чествува со настани во текот на целата година, почнувајќи од 5 февруари со традиционалниот зимски саем на книгата „Книга во секој дом“.

„Матица македонска“ соопшти дека во три и пол децении има објавено над три илјади наслови од различни области, со над шест милиони примероци. Меѓу нив ги издвојува големиот број монографии за македонската историја и култура, како и избраните дела од голем број македонски автори. Издавачката куќа посочува и дека постојано се залага книгите на македонски јазик, покрај во Македонија, преку соработката со странски издавачи и други институции да се достапни и во книжарниците и библиотеките во Европа, САД и Австралија.

Три и пол децении истрајност – и покрај сите предизвици, и во времиња на удари, „Матица македонска“ непоколебливо опстана со определбата и остварувањето на целта да ги афирмира македонските книжевни и културни вредности – да ја испишува македонската книжевна историја и да ги поставува темелите за развојот на македонската реч во времето што доаѓа. Едновремено, од година во година, сѐ повеќе успеваше и успева, највредното од светската книжевност да го донесе во Македонија, со квалитетен превод на македонски јазик, наведува „Матица македонска“ во соопштението.

Во рамки на зимскиот саем на книгата „Книга во секој дом“, како што најави, ќе има јубилеен попуст од 35 до 80 проценти на изданијата на „Матица македонска“.

Во оваа година најголемо внимание ќе биде посветено на македонските автори заради заложбата на „Матица македонска“ безрезерно да се вложува во афирмацијата и развојот на македонската книжевност и во критериумите и бројноста на македонската читателска публика. Јубилејот ќе биде одбележан и со стотици нови изданија. Меѓу другото, по повод 35 години од постоењето, почнуваме и нови едиции во коишто ќе бидат објавени клучни прозни и поетски книги за македонскиот книжевен развој, а од автори што со своите книжевни дела имаат остварено придонес во досегашниот развоен пат на „Матица“. Првото објавено дело од овие едиции е „Ѓон“ од Драги Михајловски, информира издавачката куќа.

Поврзани вести