Skip to main content

Македонската изворна песна го маѓепса Краков

Во организација на м-р Елена Мицевска-Змејкоска, лектор на МСМЈЛК при УКИМ по македонски јазик на Институтот за словенска филологија при Јагелоњскиот универзитет во Краков, се одржаа настани значајни за промоција на македонскиот јазик и култура во Краков, Полска.

На настаните гостуваше Златко Панзов, лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, Унгарија. Панзов одржа предавање насловено како „Рецепција на македонскиот современ роман во унгарската книжевна и културна средина“ на Институтот за славистика пред студентите на Лекторатот по македонски јазик.

Студентите на Лекторатот по македонски јазик беа поздравени од македонскиот амбасадор во Варшава, Полска, неговата екселенција Јасмин Ќахил и раководителот на Катедрата за бугарска и македонска филологија, проф. д-р Јан Страдомски. Амбасадорот го истакна огромното значење на ваквите настани за промоција на македонската култура и за зближувањето на нашите два народи и култури.

Истата вечер во култното краковско кафуле Леа бистро, унгарското музичко дуо Будапесме одржаа концерт на изворна македонска музика. Концертот предизвика огромен интерес кај Полјаците и Македонците кои живеат во Краков. Незаборавниот концерт и македонската песна го загреа срцето на Краков.

Во Леа бистро беше отворена и изложбата насловена како „Мистична Македонија“ на младата уметница Јана Борбала Панзов.

Гостите имаа можност да ја слушнат, видат и почувствуваат Македонија.

Златко Панзов е лектор, литературен преведувач, културен менаџер. Работи како лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта.

Од 2019 година ја организира манифестацијата Денови на македонска култура во Будимпешта.

Во 2023 ја добива наградата за книжевен превод „Драги“ за преводот од унгарски јазик на романот „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро.

Основач е на културниот центар Balkan Heritage.

Јана Борбала Панзов со свое дело учествувала на конкурсот на Museum of Fine Arts, Budapest, во рамките на детската програма за уметнички дела инспирирани од големата изложба: Between Hell and Paradise. The Enigmatic World of Hieronymus Bosch.

Изработува и амигуруми со кои учествувала на неколку локални продажни изложби.

Ученичка е во средното-уметничкото училиште „Имре Мадач“ во Вац, Унгарија.

Во 2022 г. успешно го реализира проектот „Кул е и кога COOL се пишува на кирилица!“ дел од манифестацијата „Цртај на македонски јазик“.

Во 2023 г. учествува на групна изложба на школата за сликање во Зебегењ.

Во 2024 г. успешно го реализира проектот „Цртај, слушај и чувствувај на македонски јазик“ дел од манифестацијата „Цртај на македонски јазик“.

Во 2025 г. го реализира проектот „Откриј ја мистична Македонија“ со изложби реализирани во Будимпешта, Букурешт и Краков.

Дел од нејзините креации се објавени во списанието „Чудна шума“.

БудаПесме се унгарско музичко дуо составено од Вероника Варга и Бенедек Рети, вљубеници и промотори на македонската народна музика и балканскиот мелос. Во 2025 година унгарското музичко дуо БудаПесме го снимија својот прв албум на македонски народни песни насловен „Македонија“. Гости на албумот се Наум Петрески, маестро Мишел Трајковски и проф. д-р Горанчо Ангелов Албумот содржи осум изворни македонски песни. Во 2026 година е планирана промоција на снимениот материјал и концертни промоции низ повеќе унгарски градови и Скопје.