Skip to main content

„Македоника литера“ објави нова книга за деца на Киро Донев – „Приказни од мојот крај“, со илустрации на Миле Топуз

„Македоника литера“ деновиве објави нова книга за деца на Киро Донев – „Приказни од мојот крај“, со илустрации на Миле Топуз.

Книгата содржи 18 авторски приказни раскажани врз основа на легенди, митови и преданија за познати места во Македонија. Некои од приказните се чиста и оригинална уметничка конструкција произлезена од имагинацијата на авторот.

Во оваа книга Киро Донев на свој начин раскажува приказни за Беласица, Смоларските Водопади, Колешинските Водопади, мокринските извори, Моноспитовското Блато, самовилите во Габрово, Кралот Марко, Дојрана, Преспана, Пелистер, Попова Шапка, Еленов мост, Радин мост, Говедар Камен, Мечкин Камен, Охрид, Галичица, Трпејца, Тиквеш, Матка…

Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на педесетина книги за деца: романи, раскази, гатанки, повести, пиески, стихозбирки и сликовници. Тој е еден од најпопуларните и најчитаните македонски автори, не само кај писателите за деца, туку воопшто во македонската литература. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици и тој е меѓу најпреведуваните македонски писатели за деца.

Киро Донев пишува и ТВ и радиодрами, текстови за сликовници за најмладите, сцена­ри­ја за играни ТВ серии, составил неколку антологии… Повеќе­пати е наградуван, а највисоки признанија од областа на литературата му се наградата „Ванчо Николески“, доделена од Друштвото на писателите на Македонија, „Гоцева повел­ба“ на манифес­та­ци­јата „Гоцеви денови“, наградата „Мала вила“ на 21 Меѓународен детски фестивал „Везени мост“ во Тузла, Босна и Херцеговина. Дел од неговото творештво, претежно романи, се преведени на турски, српски/хрват­ски/босански, бугарски, унгарски, украински и албански јазик, а негови песни и раскази се објавени на многу јазици.

Долг период (од 1970 г.) беше член на Друштвото на писа­те­лите на Македонија.

Живее во родното Моноспитово, Струмичко.

Поврзани вести