Skip to main content

„Македоника литера“ ја објави драмата „Ѕвездата без име“ од романскиот писател Михаил Себастијан

„Македоника литера“ деновиве ја објави драмата „Ѕвездата без име“ од романскиот писател Михаил Себастијан, која е најпопуларната драма во романската литература. Преводот од романски јазик е на Ирина Кроткова.

„Ѕвездата без име“ во средината на дваесеттиот век била хит во Романија и долго време била на театарските репертоари, а подоцна според неа се снимени играни филмови во Франција (1966) и во Русија (1979).

Почетокот наликува на социјална драма и на драматуршка фреска на малограѓански менталитет, но потоа добива тек на романтична драма со хумористичен, па и поетичен тек.

Во еден провинциски град во долината Прахова, една вечер непозната девојка е симната од возот на станицата затоа што немала билет. Иако е модерно облечена, нема пари и нема каде да престојува. Вториот главен лик е професорот Марин Мироју, страстен астроном, кој открил ѕвезда која не е обележана на ниедна ѕвездена карта и сè уште нема име. Двајцата емотивно се поврзуваат, но нивната идила набргу е нарушена…

Михаил Себастијан (1907 – 1945), чие вистинско име е Јосиф Мендел Хехтер,бил романски писател, од еврејско потекло, автор на романи, драмски текстови и литературна критика. Роден бил во дунавското пристаниште Браила, а загинал во сообраќајна несреќа во 1945 година. Во периодот меѓу двете светски војни во романската книжевна средина тој бил добро познат по неговите лирски и иронични драми и по урбаните психолошки романи обоени со меланхолија, како и по неговите извонредни литературни есеи. Неговиот роман „Две илјади години“ се смета за модерен класик.

Михаил Себастијан студирал право и филозофија на универзитетот во Букурешт. Се обидел да докторира право во Париз, но не успеал. Потоа работел како секретар во адвокатска фирма, а бил и адвокат. Како писател бил откриен од Нае Јонеску, негов професор, и бил поканет од него да соработува во списанието „Кувантул“, каде што го запознал Мирчеа Елијаде, еден од неговите идни пријатели. Поради антисемитското законодавство од почетокот на 1940-тите, му било забрането да работи како новинар, а му била одземена и лиценцата за адвокат. И изведбата на неговите драми била забранета затоа што бил Евреин. Претставата „Празнична игра“ била забранета, а за да може да ја изведе претставата „Ѕвездата без име“, користел втор псевдоним, Виктор Минку. Првиот псевдоним е всушност законска промена на своето име и презиме, што ја направил во 1935 година.

Себастијан високо се етаблирал во романската литература како драматург со драмите „Ѕвездата без име“ (1942) и „Праз­нична игра“ (1936). „Последен час“ или „Островот“ бил недовршен текст, тој ги напишал само првите два чина, а третиот го завршил неговиот пријател Мирча Штефанеску. Претставата премиерно била прикажана во 1947 година

Поврзани вести