
Светски познатиот виолинист Роман Симовиќ, концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар, утревечер ќе настапи заедно со младите музичари од оркестарот на Институтот „Фејмс“ на хуманитарен концерт, чиј приход е наменет за семејствата настрадани во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Настанот е организиран од институтот „Фејмс“, кој веќе неколку години е синоним за врвна едукација и продукција на филмска музика на европско ниво.
Почнавме со визија да создадеме простор каде што ќе се спојат креативноста, образованието и глобалната музичка индустрија. Денес сме горди што студенти од 27 земји доаѓаат во Скопје да учат, да создаваат и да се поврзуваат, истакна Од Насју Мапа, основачка и извршен директор на „Фејмс“. Таа додаде дека успехот на институтот е резултат на посветената работа и поддршката од европските фондови.
Уметничкиот директор на „Фејмс“, Маја Чаначевиќ, ја потенцираше исклучителноста на утрешната концертна програма:
Ова е навистина голема прилика за нашите млади музичари да ја споделат сцената со еден од најдобрите виолинисти денес. Ги повикувам сите љубители на класичната музика да дојдат и да поддржат една прекрасна музичка и хуманитарна приказна.“
Хуманитарниот концерт ќе се одржи на 29 април од 20 часот во малата сала на Македонската филхармонија. На програмата се делото за виолина и оркестар и Симфонија бр. 7 од Лудвиг ван Бетовен.
Целокупниот приход од билетите ќе биде дониран на Црвениот крст, во фондот за помош на семејствата настрадани во пожарот.
Институтот „FAME’S“ е еден од водечките центри за оркестарски снимања и музичка едукација во Европа. Лоциран во Скопје, Македонија, институтот е посветен на создавање уникатни музички искуства преку едукативни програми, работилници и концерти кои инспирираат млади музичари од целиот свет. Нивните програми нудат можност за професионално усовршување во соработка со водечки уметници и диригенти, промовирајќи ја моќта на музиката како универзален јазик.