
Зградата, која е ремек-дело на познатиот архитект Петар Муличковски, конечно ќе добие соодветни услови, а вработените и граѓаните современ, безбеден и функционален простор.
Во Националната и универзитетска библиотека “Св.Климент Охридски” ќе биде решен проблемот кој со децении ја нарушуваше работата и го загрозуваше книжевното богатство.
Со гордост заедно со директорот Јовица Никчевски најавивме дека денеска започнуваме со втората етапа – блокови 3 и 5 – од првата фаза за санација на рамната, непроодна тераса на Библиотеката. Оваа интервенција е од клучно значење за заштита на објектот, но и за нормално и достоинствено функционирање на оваа институција, која е чувар на пишаното културно и научно паметење на државата.
По спроведена јавна набавка, склучен е договор со фирмата Изградба комерц ДООЕЛ Скопје во вкупна вредност од 23.675.599,82 денари со вклучен ДДВ. Во вредноста се вклучени сите неопходни трошоци за реализација на проектот: набавка на материјали, транспорт, техничка опрема, работна рака, монтажа, контрола на квалитет и санирање на евентуални недостатоци во гарантниот рок. Завршната реализација е предвидена во рок од 4 месеци од денот на воведување во работа.
Паралелно, обезбеден е и професионален надзор преку компанијата МБМ Архитекти ДООЕЛ Скопје, специјализирана за архитектонски дејности. Вредноста на договорот е приближно 500 000 денари, што претставува 2,5 % од вредноста на главниот договор. Но, ова не е само градежна санација, истовремено ова е обнова и на довербата, враќање на достоинството и почит кон институцијата што претставува национален симбол.
Верувам дека со оваа инвестиција, Националната библиотека конечно ќе добие современи услови за работа, а културното наследство ќе биде заштитено на соодветен начин.