Skip to main content

Љутков: Разловечкото востание е темел на македонската револуционерна борба, историја што не смееме да ја заборавиме, ниту да ја занемариме

Разловечкото востание е темел на македонската револуционерна борба, историја што не смееме да ја заборавиме, ниту да ја занемариме, истакна денеска министерот за култура Зоран Љутков во Делчево.

Во чест на сите оние што организирано се кренаа на оружје против османлиската власт, Спомен-домот на Разловечкото востание е жива врска со корените на македонската борба за слобода и национална самобитност.

Во минатото, за жал, Спомен-домот беше оставен на забот на времето. Но тоа време заврши. Под водство на оваа Влада, државата се враќа на патот на достоинството, националната свест и одговорност, да вложуваме таму каде што претходно се занемарувало, да градиме институции што ќе ја почитуваат историјата, но ќе работат и за иднината. Затоа решивме да го вратиме неговиот сјај.

Во 2025 година, Спомен-домот на Разловечкото востание е прогласен за значајно културно наследство. Во пресрет на одбележувањето на 150-годишнината од Востанието, следната година почнуваме со целосна обнова на објектот и со поставување современа музејска поставка за што издвоивме 21 милион денари. Секој дел од поставката и секој експонат ќе биде дизајниран да ја раскажува вистината за Востанието, за храброста, жртвата и значењето на македонскиот отпор.

Националниот конзерваторски центар веќе го подготви проектот за обнова на објектот, а работната група ја заврши и програмата за новата музејска поставка. Во моментов проектот за обнова на објектот е на стручна контрола во Управата за заштита на културното наследство и во најскоро време се очекува да завршат административните постапки за добивање конзерваторско одобрение, по што веднаш ќе биде објавена јавна набавка и ќе започне реализацијата.

Со оваа  инвестиција, покажуваме што значи одговорна власт: не само декларативно, туку со конкретни проекти, со дела. И ова не е крај. Овој е само еден од многуте проекти што следуваат бидејќи знаеме дека секој дел од нашето културно наследство заслужува да биде зачуван и вистински вреднуван.

Хероите како Димитар Поп Георгиев Беровски и поп Стојан не  вложиле сè што имале, и имот и живот, за ние денес да заборавиме. Тие го направиле тоа за ние да паметиме, да учиме и да градиме држава која отсекогаш знаела да ги препознае вредностите на македонската историја.

Затоа ова не е обичен проект. Ова е враќање на долгот кон сите што го положиле својот живот за Македонија, не барајќи слава туку слобода. Тие не умреа за да заборавиме туку за да паметиме, да се гордееме и да изградиме држава што не ги заборава своите корени. Затоа денес, ние сме тука за да се поклониме, но и да покажеме дека нивната жртва не била залудна.

Поврзани вести