
Во наредниве две, две и пол години Ново Лисиче ќе добие мултифункционален простор, со кино-сала изложбен простор и мултимедијален дел, објект кој треба да послужи најмногу на независната сцена уметници.
За таа цел, денеска министерот за култура Зоран Љутков и в.д. градоначалникот на општина Аеродром Дејан Митески потпишаа договор и најавија дека центарот ќе биде подготвен пред 2008 година, кога треба да послужи за Скопје Европски град на културата.
Изградбата на објектот, кој се наоѓа во близина на спортскиот центар „Марко Божиновски“ ќе чини 99 милиони денари за првата фаза, а потоа следи опремување.
Во Општина Аеродром не постои културен центар. Со овие активности веќе како Министерство потпишавме повеќе од 20 договори со повеќе општини што треба да послужат на независната сцена. Тоа ќе биде простор за развој и промоција на културата на Аеродром“, рече Љутков.
Објектот предвидува кино-сала со 245 столчиња, простор за изложби, мултимедијален дел, комплетно опремен со сценска технологија, озвучување и осветлување. Се протега на 1.400 м2 комплетна внатрешна површина на објектот. Делот што е со кино-салата е 800 м2, останатиот дел е 400 м2 мултифункционален дел и простор за изложби, а останатиот дел се канцеларии, машински соби, сали за проекции и друго.
„Општината ќе го менаџира преку своето јавно претпријатие. Веднаш по завршувањето на изградбата со одлука на Советот е планирано да биде доделено на јавното претпријатие на Општина Аеродорм коешто ќе го менаџира понатаму процесот на управување, организација на настани, издавање на просторот итн“, рече градоначалникот Митески.
Ова е многу важен проект за културата, бидејќи Скопје ќе биде Европска престолнина на културата во 2028 година и со овие вакви мултифункционални центри коишто ги има во Скопје шест или седум во тек на изградба или почнуваат да се градат, се надеваме дека до 2027 година ќе бидат завршени и во 2028 година да имаме девет или десет, надвор од Националните објекти коишто ќе можат да ги примат и странските уметници, да можеме да им обезбедиме нормални услови за работа“, рече Љутков.
На новинарско прашање, што се барањата на независната сцена, Љутков појасни дека неколкупати лани имале средби со нив , како и сега пред неколку дена, а „барањето е секако поголема поддршка во делот на финансирањето и обезбедување соодветни услови за нивно претставување. Знаете дека 90 отсто од капацитетите кои ги имаме се однесуваат на националните институции“, додаде Љутков.