Skip to main content

Љутков: Многу важно да се вратат музичките фестивали во Универзална и да им се даде простор на младите креативни луѓе, но и на странските музички имиња и театарски изведби

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во телевизиско гостување посочи дека работите на Универзална ќе се одвиваат со забрзано темпо.

Во однос на Универзална сала, во моментот процесот тече така што се прави евалуација на пристигнатите понуди за идниот изведувач и за стручниот надзор. Се надевам дека комисијата ќе донесе одлука за неколку дена. Ова е сложен процес. Ако досега тендерската документација била, да речеме, во три фази, на пример, едната фасада, другата сценска технологија и третата ентериер, сега направивме ревизија на целиот проект. По пожарот ги видовме сите недостатоци што ги имаше. Направивме ревидирање, нова звучна изолација, го вклучивме и ентериерното уредување, кое не беше вклучено во претходниот проект, како и партерното уредување. Во моментов чекаме одобрување за градба, а кога ќе заврши целата евалуација, ќе можеме да започнеме да градиме, бидејќи имаме издвоено средства во буџетот. Се работи за проект „клуч на рака“, а тој што ќе биде избран ќе биде изведувач до крајната фаза. Затоа овој процес на одлука е подолг и пообемен – посочува Љутков.

Во однос на обезбедување на квалитетот и безбедноста по изградба тој истакна дека е работено на неколку нивоа.

Во однос на безбедноста, направени се ревизија на проектот и нова анализа на состојбата на објектот. Распишавме тендер за статусот во кој се наоѓа по пожарот. ИЗИС направи анализа и ги видовме сите забелешки и недостатоци и сè е вметнато во новата проектна документација. По завршувањето на фасадата, ќе следува уште едно испитување, како и по завршувањето на објектот. За да бидеме сигурни дека сè ќе биде според законот и правилата, како Министерство, ангажиравме и управител на градба, кој ќе ги следи и надзорот и изведувачите и ќе добиваме информации на неделно ниво до каде е процесот – посочи Љутков.

Тој додаде дека е многу важно да се вратат музичките фестивали во Универзална и да им се даде простор на младите креативни луѓе, но и на странските музички имиња и театарски изведби. Инаку, капацитетот на Универзална сала, кој бил 1.500 седишта, сега е намален на 1.200 бидејќи ќе се прави и проток за публиката.

Поврзани вести