
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков присуствуваше на свеченото повторно отворање на културно-туристичкиот комплекс „Македонско село“ на падините на Водно, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и останатите членови на владината делегација.
Министерот истакна дека ова не е само чин на отворање, туку и симболичко враќање на животот, културата и достоинството на едно место кое го отсликува идентитетот и богатото наследство на македонскиот народ.
По цели седум години запуштеност, денеска му даваме нов живот на просторот што сведочи за тоа кои сме. Преку транспарентен и законски спроведен процес за избор на концесионер, овозможивме „‘Македонско село’ повторно да стане отворено место за културата, традицијата и туризамот“, рече министерот.
Тој додаде дека комплексот, составен од 12 традиционални куќи, занаетчиски работилници и угостителски објекти, ќе биде јадро на културниот туризам, каде ќе се слави и пренесува македонската приказна на домашните и странските посетители.
Министерот ја потенцираше заложбата на Министерството за култура и туризам за заштита и ревитализација на значајни културни објекти низ државата и подвлече дека овој чекор претставува конкретен доказ за посветеноста кон зачувување на македонската традиција.
Со ова, „Македонско село“ повторно се враќа како живо сведоштво на културното наследство и како платформа за одржлив развој на домашниот туризам.