Skip to main content
Во празничниот декемвриски репертоар Националната опра и балет не одведе во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали

 „Лилјакот“ на Јохан Штраус II уште еднаш потврди зошто останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичка магија: Овации и стоечки аплауз за синоќешната изведба

Оперетата „Лилјакот“ е повеќе од претстава, тоа е прослава на музиката, животот и празничниот дух. Со совршено синхронизиран оркестар, харизматични солисти и сценски детали што оживуваат пред вашите очи, оваа оперета синоќа на публиката и обезбеди ноќ исполнета со весели моменти, комични пресврти и волшебна музика, а таа ја награди со долготраен стоечки аплауз и овации.

Во празничниот декемвриски репертоар, Националната опера и балет  синоќа ја изведе оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II под диригентската палка на Бисера Чадловска. Режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Климент Тодороски, светло–дизајн е Милчо Александров.

Во солистичката екипа на настапија: Васко Здравков, Јане Дунимаглоски, Биљана Јосифов, Нада Талевска, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Христијан Антовски, Марјан Николовски, Александра Лазаровска Василевски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.


„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали.

Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.

Ако сте во потрага по најдобар културен настан оваа сезона, оперетата „Лилјакот“ на големата сцена во Македонската опера и балет е идеалниот избор за вас.

Поврзани вести