Skip to main content

Концерт „Впечатоци од Шпанија“ на Есенски музички свечености

Во рамки на 25. „Есенски музички свечености“ вечер ќе се одржи камерен концерт „Впечатоци од Шпанија“. Ќе настапат Миреа Пинто – мецосопран и Владислав Броневецки – пијано (Шпанија).

Како што информира Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, ова е последниот концерт на годинашните „Есенски музички свечености“. Концертот ќе се одржи во 20 часот во Салон 19:19 (Културно-информативен центар). Влезот е слободен.

Миреиа Пинто (родена во Манреса , Барселона – Шпанија) е добитничка на највисоки награди на неколку натпревари за пеење во Шпанија и Италија. Нејзиниот обемен репертоар, кој се движи од барок до современа музика, ги опфаќа жанровите: опера, ораториум и лид. Настапувала како солист со бројни камерни ансамбли и оркестри, под диригентство на познати маестра.

Досега учествувала на бројни концертни циклуси, музички фестивали и оперски изведби во Италија, Русија, Холандија, Германија, Грција, Андора, Франција, Монако, Јапонија, Чешка, Колумбија и Шпанија, со значајни настапи во водечките концертни сали и оперски театри.

Од 1992 година, таа има дуо со пијанистот Владислав Броневецки, со кого развива богата концертна активност низ повеќе земји, на фестивали и концертни циклуси, вклучувајќи ги и престижните концертни сали во Барселона, Москва, Токио и други.

Владислав Броневецки е пијанист од Владивосток, Русија, дипломирал на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, каде студирал кај Елисo Вирсаладзе. Добитник е на наградата „Tchaikovsky Grant“ и признанија од меѓународни натпревари, меѓу кои „Robert Schumann Competition“ во Германија. Настапува на бројни концерти и фестивали низ светот и соработува со истакнати уметници како Наталија Гутман и Хуан Диего Флорез. Работи како професор по пијано на Високата музичка школа на Каталонија (ESMUC) во Барселона.

Поврзани вести