Во салонот 19 19 во Културно Информативниот Центар во Скопје, вечерва со почеток во 20:00 часот ќе имате можност да го проследите концертот на младиот виолончелист Енис Аљи во придружба на пијанистката Анастасија Грговска.
Овој концерт ќе понуди широк спектар на звуци, почнувајќи од барокот па се до крајот на 20-иот век.
Програмата која што е одбрана го покажува развивањето на виолончелото како инструмент, како технички така и музички. На овој концерт ќе можете да чуете дела од: Ј.С Бах, Гаспар Касадо, Давид Попер и Астор Пијацола.
Енис Аљи е еден од најактивните и најдобри млади виолончелисти во државата. Своето музичко образование го завршува во Тирана, Албанија под водство на реномираните челисти Астрит Селита и Дорина Ларо. Бележи многубројни лидерски настапи со камерни оркестри и симфониски оркестри во Македонија и пошироко, како што се “Young Musicians European Orchestra”(Италија),”Skanderbeg Chamber Orchestra”(Албанија)”Саша Николовски-ЃумарМММ”(Македонија),”Aрко”(Македонија),”Western Balkan Youth Orchestra”. Настапува како гостин-тутист и со оркестрите на националните установи во Македонија и Албанија, како што се: НУ Филхармонија, Национална Опера и Балет, Албанскиот Радио Оркестар, Оркестарот на Опера и Балет на Тирана итн. Активен во неговото соло и камерно музицирање, настапува со домашни и странски изведувачи од музичката сфера. Во 2024-та година бележи солистички настап на реномираните фестивали “Охридско лето” и “Скопско лето” во придружба на оркестарот “Саша Николовски-Ѓумар” под диригентската палка на Иван Еминовиќ. Како солист и дел од камерни состави и оркестри бележи и настапи надвор од државата: во Албанија, Србија, Косово, Црна Гора, Бугарија, Франција и Белгија.
Анастасија Грговска е една од најактивните пијанисти во Македонија. Добитник е на голем број награди и признанија на државни и меѓународни натпревари. Зад себе има бројни солистички концерти во Куманово, Скопје, Велес, Прокупље, концерти со камерни состави и настапи на реномирани фестивали како “Охридско лето”, “Скопско лето”, “Денови на македонска музика” и “Есенски музички свечености”. Настапува како солист со Камерниот оркестар на град Перник, вп Бугарија и со Македонската Филхармонија во Скопје. Лауреат е на Фондацијата “Томислав Зографски” во 2014 година, a, добитник е и на Гран при за 2021 година која ја доделува Одборот на Фондацијата. Во август 2024 година, како пијано дуо со пијанистот Шкељзен Бафтиари настапува на фестивалот „Охридско лето“, одбележувајќи јубилеи на македонските композитори Т. Зографски и С. Тошевски.Се надоградува на семинари со познати светски имиња од класичната музичка сцена како, Х. Холтман – Германија, Ј. Кот – Украина, Н. Трул –Русија, А. Диев – Русија, Ж. Захариева – Бугарија, А. Гиндин – Русија, Ф. Турисини – Италија, Г. Грузман – Германија, Љ. Гашпаровиќ – Хрватска. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира, со највисока оценка на Руската Музичка Академија “Гњесин” во Москва, во класата на проф. Јулија В. Фјодорова.