
Во средата, по кратко боледување, на 79-годишна возраст, почина филмскиот продуцент – Панче Мижимаков – Панта, еден од најплодните и најмаркантните филмски професионалци во македонската кинематографија.
Роден во Велес 1946 година, тој уште како студент на белградската Академија за театар, филм, радио и ТВ во Белград, соработува со Академскиот киноклуб во Скопје и работи на аматерски филмови во различни улоги (актер, режисер, снимател, организатор). Потоа и професионално станува дел од продуцентската куќа „Вардар филм“, и како организатор, директор на филм и продуцент е вклучен во производството на педесетина документарни, кратки и долгометражни играни филмови. Работел на домашни, југословенски и меѓународни копродукции. Соработувал со македонските режисери С. Попов (ЦРВЕНИОТ КОЊ, ТЕТОВИРАЊЕ, ЏИПСИ МЕЏИК, СРЕЌНА НОВА ‘49), Б. Гапо (ИСТРЕЛ, МАКЕДОНСКА САГА, НАЈДОЛГИОТ ПАТ), Д. Османли (АНГЕЛИ НА ОТПАД, ЖЕД), С. Црвенковски (ЈУЖНА ПАТЕКА), Т. Попов (МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА, ПРЕСУДА, ЛИКВИДАТОР), А. Митриќески (ДЕЦА НА СОНЦЕТО, ПРЕКУ ЕЗЕРОТО), Ј. Бојаџи (РУГАЊЕ СО ХРИСТОС), К. Ангеловски (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА), А. Ѓурчинов (ИСПРАВИ СЕ ДЕЛФИНА) и др., со филмските проекти на независната ФРЗ, а во 1991 бил и основач „Пегаз“ – една од првите приватни продуцентски куќи во Македонија.
Во 2018 година е добитник на признанието „Златен објектив“ за исклучителен придонес во развојот на македонската кинематографија, кое го доделува Кинотеката на Македонија.
Комеморацијата во чест на Мижимаков ќе се одржи во понеделник, во 13 часот, во киносалата на Кинотеката на Македонија.