Skip to main content

ILMovie: Аматерските филмови стануваат дигитално наследство за интеркултурно учење

Проектот „Vintage Home Film and Video Formats for Intercultural Learning“ влегува во една од своите клучни фази. Развојот на едукативните модули е при крај, а паралелно со подготовката на материјалите, Кинотеката на Република Македонија активно работи на дигитализација на аматерски филмски материјали, кои ќе бидат искористени за потребите на проектот. Дигитализацијата на старите аматерски филмови претставува една од најзначајните активности во рамките на „ILMovie“. Станува збор за филмски материјали создадени во различни периоди и во различни формати, кои сведочат за секојдневниот живот, семејните моменти, локалните заедници, обичаите и културните промени во регионот. Преку нивното зачувување и дигитализирање, овие материјали повторно добиваат можност да бидат видливи и достапни за новите генерации. Од приватни семејни спомени, аматерските филмови се претвораат во вредни извори за учење, културна меморија и интеркултурен дијалог.

Модулите на ILMovie во завршна фаза

Во моментов, партнерите на проектот работат на финализирање на едукативните модули, кои се дизајнирани за примена во стручното образование и обука (VET). Модулите ги поврзуваат филмската култура, аудиовизуелната писменост, културното наследство и интеркултурното учење. Особено внимание се посветува на тоа учениците и наставниците да научат како старите формати како 8mm, Super 8, 16mm и VHS можат да се користат не само како технички или историски материјали, туку и како средство за истражување на културната разновидност и заедничката меморија.

Кинотеката – од архивски материјал до образовен ресурс

Една од специфичните вредности на проектот е токму поврзувањето на архивското филмско наследство со современото образование. Во рамките на проектот, Кинотеката на Република Македонија во моментов работи на дигитализација и обработка на избрани аматерски филмски материјали. Процесот овозможува старите и чувствителни филмски записи да се зачуваат во дигитална форма и истовремено да се подготват за нивна едукативна употреба. Овие материјали ќе помогнат учениците да погледнат во минатото преку реални визуелни сведоштва и да откријат дека секојдневните семејни и локални приказни можат да бидат значаен дел од поширокото културно наследство. Со дигитализацијата овие материјали ги зачувуваме, но и им даваме нова функција – да станат ресурс за учење и интеркултурен дијалог.

Поврзани вести