
Легендарниот капитен на италијанскиот фудбалски прволигаш Рома, Франческо Тоти, стана советник на новиот и амбициозен римски кошаркарски клуб Максима Рома.
Тоти, кој целата своја 25-годишна фудбалска кариера ја помина во Рома, а со италијанската репрезентација го освои Светското првенство во 2006 година, претходно ги отфрли сите позиции што му ги понуди претседателот на Италијанската фудбалска федерација Џовани Малаго, одлучувајќи се за авантура во спорт во кој никогаш не се натпреварувал.
„Имав неколку понуди од светот на фудбалот, но ниту една од нив не ме убеди целосно. Од друга страна, Пол Матијасич (сопственик и претседател на Максима Рома) беше подиректен и поубедлив. Малку ми е чудно да бидам во оваа улога бидејќи доаѓам од друг свет, но на Пол му беа потребни само 10 минути да ме убеди дека сум неопходен и вреден дел од проектот“, рече Тоти.
Италијанската престолнина нема кошаркарски тим во првата лига од 2020 година, а оваа сезона ќе има два, откако во прволигашкото друштво ќе се натпреварува и БК Рома, во косопственост на словенечката НБА суперѕвезда Лука Дончиќ.
Крајната амбиција на двата римски клуба е да учествуваат во најавената НБА Европа лига, бидејќи Рим е еден од 12-те европски градови каде што НБА сака да има тим кога натпреварувањето ќе стартува на есен 2027 година, заедно со Париз, Лион, Лондон, Берлин, Мадрид, Барселона, Милано, Манчестер, Минхен, Атина и Истанбул.

Македонски



