
Честит и вековит 8 Септември – Денот на независноста на МАКЕДОНИЈА
Во вековната борба на народите за својата сопствена држава постои еден термин, надокнада на време, сé што се испуштило низ времето од било која причина одеднаш, во еден историски миг ќе се создадат услови, за било кој народ, тоа да го направи. Треба решително да се зграпчи создадената прилика и да се надокнади сé што дотогаш било пропуштено и да се задржи за секогаш.
Според мене, како учесник и сведок непосреден и според многумина релевантни познавачи на приликите, за МАКЕДОНИЈА тоа е 1991 година.
Зошто?
Затоа што за само 10 месеци повеќепартиското уредување и функционирање на Собранието ги донесовме сите закони, обележја, атрибути крунисани со нов Устав – прв во самостојна и независна МАКЕДОНИЈА.
Со акламација ја донесовме Декларацијата за независна суверена и самостојна МАКЕДОНИЈА во првите неколку денови од работата на новоизбраниот состав на првиот повеќепартиски Парламент.
Во тие сурови, тешки и неизвесни времиња со Декларацијата се заштитивме колку толку, односно колку што во тој момент беше неопходно и можно, како народ и држава.
Прво: Го суспендиравме сé уште важечкиот Устав на СФРЈ и во член 3 јасно ставивме до знаење дека за МАКЕДОНИЈА се важни само одлуките што се носат во нашето Собрание.
Второ: Ја ограничивме моќта на Југословенската армија која сé уште беше присутна, да не помислува да интервенира затоа што ќе биде од меѓународната заедница обележана како агресор кон независен субјект.
Трето: Со Декларацијата јасно и недвосмислено застанавме во редот на државите предводители на новиот светски демократски поредок, наспроти декадентните, надминати политички, системи во Источна, Југоисточна Европа и на Балканот.
Четврто: Декларацијата беше забревтан акцелератор за носење промени со кои се бришат идеолошките и други пренесени атрибути кон Федерацијата заменувајќи со чисто кристално јасни обележја на независност и сувереност.
Една од тие одлуки беше и со акламација донесената Одлука за да се распише Референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат дали се ЗА суверена независна и самостојна држава МАКЕДОНИЈА.
Редок, интересен момент се случи после донесувањето на таа Одлука. Иако беше пауза сите останавме во собраниската сала и како некој да нé ТРЕСНА ПО ГЛАВА и нé освести: Оваа прилика никако не смее да се пропушти.
Во тој стил ја започнавме кампањата, сé што можеше да се анимира, посетивме. Градови, села, населени места, институции, фабрики, градилишта, цркви, џамии дури и бачила и воденици.
Најголемиот товар го понесе ВМРО-ДПМНЕ, а дел од прогресивниот состав на СКМ-ПДП, дел остро застанаа против Референдумот па резултатите од гласањето за нив да се жешка шлаканица од која што дури и ден денес после 35 години независност, образите им црвенеат и ги болат.
Повратниот импулс од кампањата беше извонреден и заедно со двете акламативно донесени одлуки веќе го обликуваше и се надзираше резултатот што сите нé израдува.
Дојде судбоносниот ден 8 септември 1991 година. Тоа беше семакедонска весела радосна свадба.
Луѓето нагрнаа како надојдена река уште пред да се отворат избирачките места.
Јас, како оперативец кога го побараа мојот извештај, прв рано изутрина по 8 саатот, реков:
“До пладне ќе бидат исполнети двата цензуса и ние ќе бидеме САМОСТОЈНА ДРЖАВА“.
Тој 8 септември донесе нешто ново, дотогаш незабележано во историјата на МАКЕДОНСКИОТ НАРОД:
1. Со таква антологиска масовна излезност народот докажа дека ја ослободил својата заробена надеж;
2. Резултатите вечерта јасно покажаа дека МАКЕДОНЕЦОТ ги приграбил трите универзални столбови на демократија, опстанок, спокојност и ги вградил во својата ДНК, ПРАВО НА ЖИВОТ, СЛОБОДА И ТРАГАЊЕ ПО СРЕЌА – вредности датирани 1215 година со Големата повелба за слободите – Магна Карта (Magna Carta Libertatum), преку Декларацијата за независност на САД до сите новосоздадени држави во слободниот свет.
3. Се демонстрираше цел тој ден во доменот на демократијата, совршено равенство помеѓу поединецот и мнозинството. Цел ден поединецот даруваше, вечерта мнозинството му возврати подеднакво.
4. Оваа битка ја доби НАРОДОТ. Кога народот победува, како на овој ден положувајќи го својот дипломатски испит не со 10ка туку со чиста 12ка, победници се сите, поразени нема, а печатот на тапијата е неизбришлив.
5. Најважно! Пораката до сите граѓани, наредни идни генерации, соседството, меѓународната јавност и сé она што значи институција која решава, е следната:
Иднината што ни надоаѓа не ни е однапред предодредена од друг, таа е плод на нашите одлуки, на МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, што во одреден момент ги носи САМ ЗА СЕБЕ.
Точно како оваа величествена Одлука од 8 септември 1991 година.
Потоа дојдоа резултатите, се славеше низ цела МАКЕДОНИЈА и дијаспората, но ние кои како да не газеше времето веднаш ги верификувавме резултатите и на 17 септември ја потврдивме НЕЗАВИСНОСТА.
Само два месеци подоцна на 17 ноември го донесовме УСТАВОТ на НЕЗАВИСНА СУВЕРЕНА САМОСТОЈНА МАКЕДОНИЈА.
За само 10 месеци го остваривме КОПНЕЖОТ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД што гореше во срцата и душите на луѓето.
Со ваков народ МАКЕДОНИЈА ќе одсонува уште многу убави радосни соништа и ќе ги претвори во јаве.
На крај и до злобниците порака: Што и да правевте залудно беше.
Еве ја МАКЕДОНИЈА силна, здрава, исправена и горда со цврста вера и надеж во блескава иднина.

Македонски



