Skip to main content

Книжевна вечер со Венко Андоновски за српското издание на „Вештица“

Утре (13 март 2025), со почеток во 19 часот, во Српскиот културно-информативен центар „Спона“
ќе се одржи книжевна вечер со Венко Андоновски, посветена на српското издание на неговиот
култен роман „Вештица“ објавено минатата година. Ова е веќе трето издание на овој култен
роман во превод на српски јазик. Првите две беа објавени во Бања Лука, во превод на Гордана
Јовиќ-Стојковска, а ова е прво издание на територијата на Република Србија. Издавач е „Кораци“
од Крагуевац, а преводот е на Љиља Цревар.

На настанот, со свои видувања за романот „Вештица“ ќе се вклучат и истакнатите српски
писатели и критичари Мирко Демиќ и Владимир Б. Периќ, уредник на списанието за книжевност,
уметност и култура „Кораци“, којшто е и автор на поговорот на српското издание објавено во 2024
година, а свои излагања ќе имаат и претставници на издавачките куќи.
Во рамките на средбата ќе се оствари и разговор со Андоновски, во којшто со прашања ќе може
да се вклучат и присутните. Модератор на книжевната вечер ќе биде Иван Антоновски.
За француското издание на романот, славниот автор Милан Кундера, откако го спореди
Андоновски со Херман Брох и со Карлос Фуентес, романот го нарече „премногу модерен“, т.е.
роман од третата историска епоха во развојот на романот. Во него, авторот не само што ги
опишува околината и животот на главниот лик, туку успева да го опфати и недофатливото.
Според него, станува збор за мајсторски полифонично дело во кое изненадува разноликоста на
наративните техники при што „Вештица“ е голем роман за Европа. За минатото и сегашноста на
Европа. Како што оцени и Георги Старделов, нема слично дело во историјата на книжевноста што
толку жестоко ја насликало жестината на измачувањето на човекот. „Вештица“ е роман без
„фабричка“ грешка, како што оцени Петре М. Андреевски. Тој и напомена дека оваа книга со ист
восхит може да се чита на сите меридијани – Венко Андоновски во овој роман ги урива сите
стереоптипи, воздигнувајќи се до највисоките врвови на романсиерската уметност, како што
оцени и Старделов.
На оваа книжевна вечер, овдешната книжевна јавност ќе може да има појасен увид и во
одгласите и толкувањата за овој роман од српската книжевна фела. За „Вештица“, во 2012
година, Андоновски ја доби и регионалната јужнословенска награда „Кочиќево перо“