
Сакав да напишам книга за лик што се развива и во зрели години, сакав да избегнам да создадам карактер што по промената останува ист, рече вчера Калина Малеска на средбата со читатели што се одржа во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.
Тоа и како читател ми пречи. Ликовите стануваат нeкaкви херои и остануваат исти следните 30 години. Сакав да покажам дека зрелата жена/човек може да се менува, потребна ѝ е храбрст, но и тука внимавав таа промена или тој крај да не биде нагло, одеднаш, среќен. Сакав да пишувам за слободата и прифаќањето, за детството без идеализирање, за врсничкото насилство кога се’ уште не го дефиниравме така и за нашиот начин на (не)справување со него – рече Калина Малеска за својот роман „Светот што го избрав“, книга на месецот во ГБСК.