Skip to main content

Кафе-книжарницата „Буква“ четири години во служба само на културата во главниот град

Кафе-книжарницата „Буква“ прославува четири години постоење. Четири години на просторот зад Собрание, зад/до Кино Култура (или ако сакате уште попрецизно: улица Луј Пастер (3А-1)) читателите имаат можност да најдат одлично одбрани наслови и да уживаат во добра пијачка и атмосфера, а летната тераса е одлично место за уживање, но и за одржување интересни книжевни ( и други културни) настани.

Четири години и четирицифрен број денови постои „Буква“ во Скопје. На истото место, зад Собрание, под трите брези, со сите повеќе или помалку трајни, но еднакво драги и свои лица. Четири години во служба само и само на културата во главниот град. Ова наше и ваше место живее како собирен пункт и канал за комуникација на она што во Македонија и пошироко, низ Европа и низ светот, го прават стотици, а со овој роденден веќе и илјадници уметници, музичари, поети, писатели, режисери… Со сиот свој простор, со сите свои полици, ѕидови и ќошиња, и со широкиот шанк на кој секогаш има уво за секоја приказна. Така како што единствено може да биде — природно, искрено и верно, велат од „Буква“

Повторно им благодариме на сите другари, другарки и верни посветеници, на сите што „Буква“ ја гледаат како драг простор, продолжеток на дневната соба, втор дом, на сите кои доаѓаат на нашите свирки, изложби, промоции, проекции, на мирување во денските часови, за да се видат со своите драги, за да се запознаат со идни пријатели или за да помолчат сами на свое место…

Ве очекуваме на нашиот заеднички четврт роденден!

ПРОГРАМА

Петок, 31 јануари

Пријателите од колективот Гола планина со специјална џем сесија + музичка селекција по повод роденденот на Буква

Сабота, 1 февруари

Концерт на Хот џез оркестар

Хот џез оркестар е трио кое изведува медитеранско зачинети свинг минијатури.

Репертоарот што го обработува триото изобилува со композиции од 20-тите се до 40-тите години од минатиот век. Нивната мисија делумно е да се зачуваат звуците од раните стадиуми на џез историјата, но исто така е потрага по софистицираност преку жива ритмичка експресија.

Иво Солдатовиќ Сол – кларинет

Андреј Момировски Буцо – гитара

Бојан Петков Шамба – гитара

Поврзани вести