Skip to main content

Јасна Жмак, со перформансот победник на белградски БИТЕФ, доаѓа во Скопје на 10 декември

На 10 декември, со почеток во 20:00 часот, на Академска сцена при Факултетот за драмски уметности во Скопје, ќе се одржи изведба на авторскиот перформанс „this is my truth, tell me yours“ на хрватската писателка и драматургина Јасна Жмак во склоп на тринаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО.

„this is my truth, tell me yours“ е авторски проект на писателката и драматургина Јасна Жмак, во кој таа се занимава со својот однос кон уметничкото поле, преиспитувајќи ги сопствените и туѓите авторски позиции, како и одговорноста и анксиозноста што тие ги подразбираат. Тргнувајќи од личното искуство од 2011 година кога како членка на публиката на претставата „MandićStroj“ на режисерот Бојан Јаблановец (Via Negativa) и актерот Марко Мандиќ, поради истрел од сценски пиштол добива тинитус и хиперакузија, Жмак во оваа претстава истражува на кои начини уметноста ја обликува реалноста во која живееме.

Иако на прв поглед неповрзани, темите на тинитусот и патријархатот стануваат централни оски на оваа претстава, која функционира на границата меѓу стенд-ап настап и изведбено предавање.

Појавувајќи се за првпат со оваа претстава на сцена во улога на изведувачка, Жмак се занимава со прашањата за вистинитоста и репрезентацијата, партиципативноста и одговорноста, водејќи нѐ низ сопствените драматуршки и сексуални искуства и поставува прашања за важноста и смислата на уметничкото творење во ерата на капитализмот.

Перформансот неодамна ја доби највисоката награда Mira Trailović Grand Prix на издание на белградскиот меѓународен театарски фестивал BITEF, каде меѓународното жири ја истакна неговата „автентичност, прецизност и повеќеслојност“, како и критичкиот пристап кон патријархалните и капиталистички структури во изведувачките уметности.

Јасна Жмак инаку дамнешна пријателка на ПРВО ПА ЖЕНСКО, е писателка, драматургина и универзитетска професорка од Загреб. Предава на Академијата за драмска уметност, каде што дипломирала и докторирала. Авторка е на повеќе изданија, меѓу кои „Предавање како изведба, изведба како предавање“ и „One stvari – есеи за женската сексуалност“. Работела на бројни театарски и културни проекти и е поранешна претседателка на здружението SPID – Сојуз на сценаристии автори на изведувачки дела.

Билетите се во продажба на www.drugastrana.mk, а средствата од продажбата на билетите ќе бидат донирани за Support Kočani.