
Во македонскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб утре, 25 јуни, во 19 часот хрватската публика ќе има можност да присуствува на мултимедијален настан – отворање на изложбата „Рефлексии“ од уметниците Бурим Укиќи, Агрон Абдули и Берат Бекири и концерт „Сопранисимо“ на солистката Злата Тошевска и пијанистката Маја Божиновска.
Хрватската публика ќе има исклучителна можност да ужива во врвната изведба на Злата Тошевска за која музичката критика ќе каже: ‘Тошевска има топол спинтов глас кој ве води назад во златната ера на оперското пеење, поткрепен со неверојатна музикалност и сценичност’ во пијано придружба на Маја Божиновска, професор и уметник која својата кариера ја гради со висок професионализам преку настапи на домашни и странски музички подиуми“, велат од КИЦ.
Изложбата „Рефлексии“ ќе ја отвори директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб Мими Ѓоргоска Илиевска која истакнува дека истата е несекојдневно доживување на која се претставени делата на Бурим Укиќи и неговото магично, мистично, а истовремено реално, чисто, јасно и смирено сликарство, потоа на Берат Беќири во чии дела доминираат апстрактни мотиви испреплетени со магијата на карпите и со моќната разновидност на триаголниците, додека Агрон Абдули низ своите портрети ја претставува нераскинливата врска помеѓу човекот, општеството и природата ослободени од своите физички граници и изведени до апстракција.
Настанот е дел од Годишната програма на македонскиот Културно информативен центар во Загреб, а поддржан од Министереството за култура и туризам.