Skip to main content

Изложба на костимографските скици на Елена Дончева и промоција на едицијата „La Barraca“ со кои се слават 60 години од првата одиграна претстава во култната зграда

Во среда, на 19 февруари 2025 година, на пладне, во фоајето на Театар „Комедија“ ќе се отвори изложбата на костимографските скици на Елена Дончева и ќе се промовира едицијата „La Barraca“, публикација која потсетува на историјата и на неспорната важност на оваа култна зграда. Почесна гостинка на настанот е легендарната македонска примабалерина Емилија Џипунова, големата дама на македонската театарска и културна историја, директна учесничка во настаните од 19, 20 и 21 февруари 1965 година.

Пред шеесет години, на 19 февруари 1965 година, во „постземјотресното“ Скопје и во новоизградениот монтажен театар на МНТ, „изместен“ од левиот брег на Вардар на новата локација на градот – на тогашниот булевар „ЈНА“, сега булевар „Климент Охридски“ – свечено беше одиграна првата претстава.

„Коломба“ на Жан Ануј – комедија во четири чина – во режија на Димитар Ќостаров, во превод на Илија Милчин, сценографија на Тома Владимирски и костимите на Рада Петрова. Главните улоги ги играле: Љупка Џундева (Коломба), Мери Бошкова, Ристо Шишков, Драги Костовски, Чедо Христов…

Наредниот ден, на 20 февруари, оперскиот ансамбл на МНТ изведува една од „најголемите“ и најкомпликуваните опери на Ѓузепе Верди, „Набуко“ (диригент: Александар Лековски, сценограф: Бранко Костовски, костимограф: Рада Петрова…). Протагонистите биле Анастасија Божикова (Абигајла) и Енцо Серини (Набуко)…

Третиот ден, на 21 февруари, настапил и балетскиот ансамбл со канонската „Копелија“ на Лео Делиб (кореографка: Јитка Ивеља, сценограф: Тома Владимирски, костимограф: Василије Поповиќ-Цицо).

Со овие три сигнификатни претстави и – поважно – со нова и мошне функционална театарска зграда која функционира и ден-денес!, театарскиот живот во Скопје повторно заживеал, не само професионално, туку редовно! Искрената почит кон легендарната „барака“ која ја наследил и со која се гордее, Театар „Комедија“ сака јавно да ја искаже токму на шеесеттиот роденден на ова култно место на македонската културна историја, велат од Театар Комедија.

Поврзани вести