
Како резултат на соработката меѓу Македонскиот културно-информативен центар во Софија и Новиот бугарски универзитет, на 5 февруари 2026 година (четврток), со почеток во 18.30 часот, ќе биде отворена изложбата „Кинетички арт-театар“ од Петко Јакимов.
На изложбата Петко Јакимов ги претставува своите графички студии како идејни решенија за кинетички скулптури, дел од истоимениот проект „Кинетички арт-театар“. Делата се создадени со спој на класичен цртеж и дигитални ликовни средства. Преку овие студии авторот ги разработува своите концепти пред нивната реализација во простор, волумен и материјал.
„Во овие студии не се стремев само кон визуелна разработка на уметничкиот концепт, туку и кон пресоздавање на атмосферата на просторот со кој делата комуницираат. Сите работи се создадени во периодот 2025–2026 година и имаат цел да го обединат моето истражување на функционалниот аспект на типизираните ликови – од една страна во нивната механичка логика, а од друга како уметничка гледна точка.
За мене, градењето на ликовите и нивната типизација преку графички средства претставува и основа за сценски нацрти, а не само визуелна интерпретација на човечки карактери. Тие овозможуваат понатамошна разработка на сценаријата и градење на улогите во рамките на кинетичката приказна.
Во таа смисла, овие дела претставуваат работна фаза во реализацијата на проектот, чија крајна цел е создавање самостојни кинетички скулптури што меѓусебно комуницираат и функционираат независно, со поддршка на вештачка интелигенција.
Оваа изложба претставува појдовна точка во моето истражување, поради што и при изработката на графичките дела користев комбинирани техники – класичен цртеж, туш и дигитални ликовни постапки.
Типизираните ликови прикажани во делата се општи и симболични претстави на драмски архетипови со сложени карактерни црти. Тие се прикажани во машинска форма како: добриот човек – романтичар, горд и самобендисан нарцис, љубопитна и доверлива наивна личност што живее во сопствените спомени, прост и манипулативен подлец, интелигентен човек што паѓа во заборав, сентиментален очајник, заводничка што нуди лажна надеж и други. Сите овие ликови се скриени зад насловите на ликовните дела.“
Креативниот развој на Петко Јакимов е тесно поврзан со неговата професионална работа во областа на визуелните уметности. Кариерата ја започнал како сценограф во театар, каде што работел на сценографија и костимографија за театарски претстави.
Подоцна работел во графичко-дизајнерско студио, каде што изработувал визуелни решенија за печатени и комуникациски производи, меѓу кои етикети, амбалажа, списанија, билборди и корпоративен визуелен идентитет.
Неговиот професионален пат продолжил во областа на филмот и телевизијата, каде што постепено преминал од сценографија кон 2D- и 3D-анимација, постпродукција и визуелни ефекти. Повеќе од дваесет и пет години работи во областа на телевизиски дизајн, подвижна графика, рекламирање и музички видеа, при што компјутерски генерираната слика е составен дел од неговата практика.
Во моментов Петко Јакимов работи на филмски проекти и кинетички скулптури, развивајќи хибридни уметнички форми засновани на синтеза меѓу уметноста, технологијата и просторното размислување. Неговата наставна дејност дополнително го поддржува и продлабочува овој истражувачки и креативен процес.
Д-р Петко Јакимов е главен асистент на Катедрата за уметности и дизајн при Новиот бугарски универзитет во Софија.

Македонски



