Skip to main content

„Импровокација“ денеска со јубилејна претстaва прославува 9. роденден

„Импровокација“ денеска на сцената во НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид со јубилејна претстaва ќе го прослави својот 9. роденден.

Театарската импровизација „Импровокација“ е проект на професионалните актери, Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски и Филип Кипровски како главни актерски протагонисти, Никола Јосифоски во улогата на главен музички соработник и Филип Ангеличин Жура како организатор („совеста на шоуто“).

Идејата за оформување на импров група во Охрид тлеела од многу поодамна во главите на Стаматовски и Тодороски, за да на 25.02.2016 година се случи првата претстава на таканаречената „Импровокација“. Претставата се одржала во просторот под сцената на НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид. Место кое што понатака се здобива со името „Керал сцена“. Подоцна кон екипата се приклучува и мултиталентираниот Никола Јосифоски како музичка придружба и „Импровокација“ покрај театарска се надоградува и со епитетот музичка импровизација.

„Импровокација“ е премиерна и никогаш не може да се повтори уште еднаш. Ваквата форма на театар е комична, спонтана и интимна. Рамката на импровизацијата ја даваат актерските задачи (т.н. „игри“) кои што ги одредуваат правилата на кои актерите се придржуваат додека ја импровизираат сцената. Публиката директно е инволвирана во процесот на создавањето на сцените со нивните предлози од место или во одредени случаи се јавуваат и како актери на сцената. Во зависност од енергијата на публиката и предлозите кои што таа ги дава , таков тематски правец добива и самата изведба.

Со преку 85 изведби, „Импровокација“ е проект кој што најдолго се задржува на охридската сцена и до ден денешен се бара билет повеќе. Покрај во Охрид, бројни претстави се изиграни во повеќе градови ширум Македонија и Германија.

Поврзани вести