Skip to main content

Хрватскиот културен центар од Битола го одбележа Денот на државноста на Хрватска

По повод Денот на државноста на Република Хрватска, во Културно-информативниот центар (Офицерски дом) во Битола се одржa свечен настан во организација на Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ – Битола. Програмата понуди богата уметничка содржина. Препознатливиот далматински мелос, во Битола го пренесе далматинската клапа „Цетињани“ – здружение клапа Хрваце од Хрватска, а како специјални гости настапија учениците од Државното музичко училиште – Битола: Климент Ристески, Јан Неќак и Теона Ванеска.

На присутните им се обрати Бранко Маретиќ претседателот на МХД ХЦ „Марко Марулиќ“.

„Ги поздравувам сите присутни и гости на оваа манифестација, ден кога се одбележува еден датум значаен за хрватската историја“, изјави Маретиќ, и додаде: „Ден кога хрватскиот Парламент донесе одлука во 1991 година да се одвои од бивша Југославија и да се започне процесот на самостојна република Хрватска и ден кога е конституиран првиот демократски повеќе партиски Парламент на Хрватска. Денес ги славиме првите 36 години суверенитет на модерна демократска Хрватска, земја членка на ОН, Европа и НАТО. Без познавање на сопствената историја и корени, ни еден самосвесен народ не можел да преживее на историската сцена, и затоа посебно им оддаваме чест на бранителите и на првиот претседател, д-р Фрањо Туџман. Нашето здружение „Марко Марулиќ“ е основано кратко по тие историски 1990-ти, во 1994 година, фокусирајќи се првенствено на културни активности и зачувување на националниот идентитет, јазикот, културата, уметноста, фолклорот, музиката, но и на духовните вредности на хрватската нација, негувајќи ги и развивајќи ги хрватско-македонските врски и меѓусебните односи меѓу двата пријателски народи“.

Настанот го модерираше Неда Маретиќ, ПР на Хрватскиот културен центар, која потсети на проектите изминатите месеци.

„Оваа година го славиме и Денот на хрватското знаме. Неодамна гостувавме во Сплит, како дел од меѓународната конференција  „Современи пристапи во обликувањето на библиотечните простори за деца и млади“, организирано од Градската библиотека „Марко Марулиќ“. Како дел од програмата во Далматинската библиотека, го претставивме нашиот културен центар и потпишавме Меморандум за соработка со директорката на Градската библиотека „Марко Марулиќ“ од Сплит, Гроздана Рибичиќ, и ја поврзавме Националната и Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, во чие име директорката, м-р Емилија Стефановска Давкова потпиша Меморандум за соработка со директорката на ГКММ. Со ова ја обновивме соработката помеѓу двете библиотеки по подолга пауза и ги поврзавме на уште еден начин Битола и Сплит. Во рамките на 4-от Меѓународен детски фолклорен фестивал „Весел петок“во организација на КУД „Илинден“ од Битола, гостуваа членовита на КУД. „Далмација“ од Дуги Рат. Бевме дел и одбележувањето на Светскиот ден на културната разновидност во Битолa, организирана од Општина Битолa“.

Клапската изведба е заштитена од Унеско, па традиционално за Денот на државноста овој културен центар претставува некоја клапа во Битола. Клапата „Цетињани“ работи под уметничко водство на Јулија Галиќ, а претседател на здружението е Јошко Галиќ.

„Не ми е првпат да доаѓам во Македонија. Досега сум била двапати. Бев во Охрид. Имам многу пријатели кои се од Македонија. За мене Македонците се гостољубиви луѓе, опуштени, весели, блиски до нас по карактер. За нас, Македонија е земја која навистина со радост ја посетуваме“.

Директорката на Државното музичко училиште, м-р Марија Шамоска Буџаковски, ни истакна дека нивните ученици сами се пријавуваат кај професорите за да учествуваат во настаните на Хрватскиот културен центар. Учениците кои настапија се во класите на професорките м-р Маја Митровска и д-р Јана Четелева Белевска.

Помеѓу приситните беа: Бригадир Рајко Периќ, воено аташе при Амбасадата на Хрватска во Скопје за Македонија, Албанија и Косово, Стевче Стевановски градоначалник на Општина Новаци, конзулите на Бугарија, Франција, претставниви на Католичката црква, претставници на институции, КУД-ови, организации од Битола, Скопје и регионот. 

Денот на државноста на Хрватска е еден од најзначајните за хрватската понова историја. Во текот на изминатите години Хрватскиот културен центар од Битола, воспостави соработка со сите релевантни институции од Македонија и Хрватска, беше иницијатор на неколку збратимувања со општини и КУД-ови. Одбележувањето на Денот на државноста на Хрватска во Битола е организирано во соработка со Културно-информативниот центар Битола, Општина Битола, Центарот за култура, Државното музичко училиште, Сплитско Далматинскиот округ и Централната канцеларија за Хрватите кои живеат надвор од Република Хрватска.

Фотографии: Александар Василевски

Поврзани вести